Летечки змии и нови видови: Пештерите на Камбоџа откриваат тајни на непознатата природа

Макфакс

28/03/2026

13:00

292

Големина на фонт

а а а

Во голема мера неистражените варовнички пештери во Камбоџа се протегаат илјадници километри и претставуваат дом на бројни неоткриени видови, како и на уникатни екосистеми со организми што не постојат на ниту едно друго место на планетата.

Најновото истражување спроведено во северозападната провинција Батамбанг откри повеќе нови видови за науката, меѓу кои тиркизна јамчеста змија, летачка змија, неколку видови гекони, два микрополжави и две стоногалки.

Дел од новооткриените видови, вклучително и змијата и три гекони, сè уште не се формално именувани и научно опишани. Истражувањето опфатило 64 пештери на 10 ридови во периодот од ноември 2023 до јули 2025 година, а резултатите беа објавени во официјален извештај.

Според Fauna & Flora, која го водела истражувањето во соработка со Министерството за животна средина на Камбоџа, секој рид и пештера во карстниот пејзаж функционира како посебна „островска лабораторија“ на еволуцијата. Овие изолирани екосистеми овозможуваат развој на уникатни форми на живот, прилагодени на специфичните услови.

„Замислете го како сопствена вињета на биодиверзитетот, каде природата го повторува истиот експеримент одново и одново, но независно“, вели Ли Грисмер, професор по биологија на Универзитетот Ла Сиера во Калифорнија.

Тој објаснува дека преку анализа на ДНК може да се следи како се развиваат различни видови и кои фактори влијаат врз нивната еволуција. Како пример го наведува геконот Cyrtodactylus kampingpoiensis, кај кој биле забележани четири различни популации што еволуираат на различни начини.

Покрај новите откритија, истражувачите регистрирале и присуство на глобално загрозени видови, како што се панголинот Сунда, зелениот паун и неколку видови мајмуни.

Ноќни експедиции и „само изгребана површина“

Истражувањето го предводел Пабло Синовас, кој заедно со локални истражувачи спроведувал теренски активности и дење и ноќе. Како што вели, најинтересниот дел бил ноќниот лов на змии и гекони, кога тие се најактивни.

Тимот по зајдисонце пребарувал карпести и тешко пристапни терени, осветлувајќи ги пештерите, пукнатините и вегетацијата во потрага по нови видови.

Во дел од пештерите живеат и до еден милион лилјаци, но поради здравствени ризици истражувачите избегнувале влез во тие простори.

Само на еден карстен рид во округот Банан биле регистрирани 14 претходно неистражени пештери.

„Има уште многу што треба да се открие. Ние само ја изгребавме површината кога станува збор за биодиверзитетот во овие екосистеми“, истакнува Синовас.

 Освен што се дом на низа видови, многу од пештерите се користат како светилишта или за медитација и други ритуали, а ги посетуваат и туристи и аџии, според извештајот. Сепак, карстните живеалишта се под закана од лошо планирана екстракција на цемент, како и од прекумерен туризам, лов на диви животни, сеча на дрвја и пожари.