Шеснаесет годишниот Ејден Ендрјус за време на нуркање со татко му крај брегот на Флорида пронашол огромен заб од мегалодон, долг речиси 15 сантиметри, а откритието го опишал како „откритие на животот“.
Неверојатниот момент бил снимен со подводна камера за време на организиран излет во потрага по фосили кај Манасота Ки, крајбрежен остров на југозападот на Флорида, пишува „LADbible“.
Моментот на пронаоѓањето е снимен со камера
Ејден и неговиот татко Брајан на почетокот на неделата се приклучиле на водено нуркање во организација на локалната компанија „Fossil Junkies“. Наместо вообичаени наоди, Ејден на морското дно забележал огромен заб, толку голем што на прв поглед лесно можел да се помеша со птичји клун или некакво копито.
На снимката се гледа славењето на таткото и синот под вода, а низ маската на Ејден се слушаат возбудени извиците како: „О, Боже мој!“ и „Погледни го ова!“ Додека му го подавал фосилот на татко му за да го покаже пред камерата, извикал: „Ова е повеќе од 15 сантиметри.“ Потоа следувало кратко славење под вода, а Ејден потоа внимателно го спакувал својот вреден наод.
Редок наод
Капетанот Џон Креатсулас изјавил за „FOX 13 Tampa Bay“ дека пронаоѓањето помали заби од мегалодон не е особена реткост. Компанијата „Fossil Junkies“ на своите профили на социјалните мрежи често објавува фотографии од заби од ајкули пронајдени за време на такви излети. Но заб со ваква големина, долг речиси 15 сантиметри, навистина се пронаоѓа многу ретко.
Некогашен господар на океаните
Мегалодонот, огромна праисториска ајкула што живеела пред меѓу 23 и 3,6 милиони години, изумрел пред приближно 2,5 милиони години. На пошироката јавност ѝ е најпознат пред сè од филмовите што дополнително ја популаризираа неговата застрашувачка големина. Според процените, можел да порасне до 18 метри и да тежи до 50 тони. Единственото морско животно што го надминувало по тежина бил синиот кит.

Палеонтолозите проценуваат дека мегалодонот дневно морал да изеде околу 1130 килограми храна. Во текот на животот постојано ги губел забите, поради што неговите фосилизирани остатоци и денес во голем број се пронаоѓаат во морињата и на плажите ширум светот.












