Лошо започна мандатот на Гоце Седлоски како селектор на фудбалската репрезентација на Македонија. По дебаклот во Копенхаген (4:0) и елиминацијата во баражот за пласман на Светското првенство, тој сега се соочува со незадоволство во соблекувалната.
Александар Трајковски и Бојан Миовски го напуштија кампот на националниот тим, пред дуелот со Република Ирска на 31.март. Трајковски не играше против Данска, додека Миовски доби шанса во второто полувреме, кога натпреварот беше решен. Официјално, Миовски бил ослободен од обврските по барањето на неговиот клуб, Глазгов Ренџерс.
„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден.
Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.
Од друга страна Енис Барди и Исник Алими ќе останат со репрезентацијата и покрај тоа што новните клубови Коњаспор и кинески Далиан, официјално побарале двајцата да бидат ослободени од репрезентативните обврски.








