Таткото на Меган Маркл повторно ја пронашол љубовта со филипинска медицинска сестра, која е 35 години помлада од него, а ја запознал во болница поради проблеми со крвотокот, при што му се заканувала ампутација на ногата.
Пензионираниот холивудски директор на осветлување Томас Маркл (81) рекол дека се чувствува „благословено и неизмерно среќно“ што повторно нашол радост по години страдање, бидејќи, како што тврди, ќерка му „го отфрлила“ по нејзината венчавка со принцот Хари во 2018 година.
„Никогаш не очекував дека повторно ќе најдам радост и среќа во овие години. Толку години се чувствував запоставено и тажно, но сега повторно уживам во животот. По толку тешки моменти, навистина се чувствувам благословено што најдов некого многу посебен кој се грижи за мене со толку многу внимание“, пренесе „Дејли мејл“.

Томас Маркл, кој се развел од мајката на Меган, Дорија Регланд, кога Меган имала само пет години, ја запознал својата нова љубов Рио Канедо (46) додека закрепнувал од операција опасна по живот — ампутација на левата нога под коленото во декември минатата година.
Рио, мајка на две возрасни деца, немала поим кој е Маркл кога првпат го сретнала во средината на декември минатата година, откако бил примен во рехабилитациона болница во Себу, каде што таа работи. Таму Томас и неговиот син Том Помладиот (59) се преселиле во јануари 2025 година.
Тој никогаш не ги запознал зетот, принцот Хари, ниту внуците Арчи (6) и Лилибет (4), а за малку ќе умрел кога лекарите морале да му го ампутираат долниот дел од левата нога поради големо крвно згрутчување што го блокирало дотокот на крв до стапалото. Поминал четири дена на интензивна нега, потоа неколку недели во болница, а потоа бил префрлен во специјализирана рехабилитациска единица во друг медицински центар.
„Никогаш не мислев дека повторно ќе бидам среќен“
Оваа недела тој го поканил „Mail on Sunday“ да помине време со него и неговата нова љубов и рекол дека очекува напади од „одредот на Сасекс“, но додал:
„Знам дека некои луѓе ќе кажуваат грди работи, но не ми е гајле. Сакам да зборувам за ова бидејќи никогаш не мислев дека повторно ќе бидам среќен. Сакам луѓето да знаат дека никогаш не си престар за да најдеш мир и љубов. Во светот се случуваат многу негативни работи и ако мојата приказна може да даде барем малку надеж на една личност, тогаш сум среќен. Оние што мразат ќе мразат, но искрено баш ми е гајле“.
Томас Маркл се оддалечил од Меган (44), која е само две години помлада од неговата нова девојка, откако доживеал два срцеви удари во пресрет на нејзината свадба во мај 2018 година и не можел да ја одведе до олтарот.

Меган влегла сама во капелата Свети Ѓорѓи, а на дел од патот низ преминот ја придружувал кралот Чарлс (тогаш принц од Велс), додека нејзината мајка Дорија била единствениот член од нејзиното семејство на венчавката.
Маркл тврди дека повеќепати се обидувал приватно да стапи во контакт со ќерка си, а на крајот излегол во јавност во обид да допре до неа.
„Сè уште не знам зошто ме игнорираше“, рекол тој.
Во своите мемоари „Spare“, принцот Хари тврдел дека Меган „го изгубила“ татко ѝ откако тој почнал да разговара со печатот.
Маркл живеел во Росарито, во Мексико, на четири часа возење од куќата со 16 бањи што Меган и Хари ја купиле во Монтесито, Калифорнија, откако се повлекле од кралското семејство. Во 2022 година доживеал тежок мозочен удар, поради кој со недели не можел да зборува, а минатата година решил да се пресели на Филипините за да ги избегне постојаните потсетувања на ќерката и внуците, кои копнее да ги види, но никогаш не ги запознал.

Денес повторно може да зборува, а тоа во голема мера го припишува на тоа што постојано разговара со својата нова девојка.
„По мозочниот удар работите не беа добри. Сакав да одам на другиот крај од светот, на место каде што луѓето се љубезни. Филипините нудат понежен начин на живот. Никогаш не очекував дека ќе ја запознаам Рио и дека таа толку прекрасно ќе ми го промени животот. Конечно се чувствувам безбедно и добро згрижен. Имам воспаление на белите дробови, но не се сожалувам себеси затоа што Рио толку добро се грижи за мене. Речиси и да не ги гледам вестите. Живеам во свет каде што луѓето се љубезни едни кон други. Медицинските сестри и лекарите овде на Филипините се прекрасни. Луѓето овде ги немаат сите материјални добра што ги имаме на Запад, но ги почитуваат и се грижат за постарите лица. Овде има млади приправнички што ги нарекуваме „џуџиња“ и цел ден слушам само смеа. Долго време бев тажен поради Меган, но сега конечно повторно можам да се смеам. Животот е добар“, нагласил тој.
















