[ВИДЕО] Дани Димитровска за животот со глуви родители: „Со брат ми цел живот растевме во тишина, не знаевме кога тие се караат и кога споделуваат среќни моменти“

Точка

24/03/2026

14:04

1.392

Големина на фонт

а а а

Пејачката Дани Димитровска гостуваше во ТВ емисијата „Животна приказна“ каде меѓу другото откри детали за своето детство и животот со родители со оштетен слух.

Дани искрено призна дека растела во многу поинаква средина отколку повеќето деца.

„Не се ни сеќавам на притисокот кога сфатив дека всушност ми се поразлични родителите. Тоа беше во време кога бев тинејџерка, и малку помала. Меѓутоа, имав постар брат којшто беше назначен од моите родители како генерал кој треба да се грижи за мене во часовите кога родителите не се со мене. Моите родители се глуви и така јас и брат ми растевме цел живот во една тишина. И некако тоа ми беше природна средина.

Кај нас телевизорот секогаш беше пуштен на најгласно, а никогаш не слушавме кавги. Со брат ми немавме можност да чуеме некоја многу голема галама. Ние не знаевме кога тие се караат, кога споделуваат среќни моменти, иако среќните моменти беа гласни. Само тогаш кога се караа, тогаш го користеа знаковниот јазик“, раскажа пејачката.

Таа потоа сподели дека ниту таа, ниту брат не ѝ го научиле знаковниот јазик, а брат ѝ повеќе од 25 години живее надвор од Македонија.

„Брат ми се запиша на дефектологија, сакајќи да оди по патот на татко ми, бидејќи тој беше своевремено и претседател на Здружението на глуви и наглуви. Меѓутоа, си донесе избор, одлука да живее во Америка и еве веќе повеќе од 25 години живее таму. Јас малку подоцна посакав да го научам, меѓутоа во време кога бев дете, немав таква желба“, рече Дани.


Таа се присети дека кога била помлада, добивала поддршка од блиските пријателки, а со родителите морала да комуницира на посебен начин.

„Со моите родители разговарав на малку поинаков начин. Морав да ги допрам, морав да зборувам побавно, бидејќи читаат од уста“, додаде пејачката.