„HBO“ објави втор трејлер за третата сезона на серијата „Euphoria“, во кој се појавува и Ерик Дејн, овозможувајќи ѝ на публиката прв увид во неговата последна улога во животот.
Новиот трејлер е објавен вчера, а Дејн се враќа во серијата во улогата на Кал Џејкобс, татко на Нејт Џејкобс, кого го игра Џејкоб Елoрди. Во една од сцените во трејлерот тој повторно се среќава со Џулс, ликот што го толкува Хантер Шејфер, со која веќе делеше сцени во првата сезона.
„Се сеќаваш ли на мене?“, прашува Џулс во кратката сцена прикажана во трејлерот. „Како би можел да заборавам?“ одговара Кал.
Дејн почина на 19 февруари на 53-годишна возраст, речиси една година откако објави дека му е дијагностицирана амиотрофична латерална склероза. Пред смртта ги сними сцените за претстојната сезона на популарната серија на „HBO“.
Својата дијагноза првпат ја откри во април 2025 година, кога изјави дека се чувствува среќен што може да продолжи да работи и се радува на враќањето на сетот на серијата „Euphoria“. Тогаш беше потврдено дека снимањето на третата сезона започнало само четири дена по таа изјава.
Актерката Шерон Стоун, која се приклучи на актерската екипа на третата сезона како гостувачка ѕвезда, претходно зборуваше за значењето на улогата на Дејн во серијата.

„Ерик и јас сме пријатели долго време и всушност бев како негова поддршка кога се обидуваше да добие работа во ‘Euphoria’. Доаѓаше кај мене дома и ми носеше безглутенски колачиња, а ние седевме и разговаравме затоа што навистина ја посакуваше таа работа. Многу ми значи што ја доби таа работа навреме“, изјави Стоун во август минатата година.
Покрај враќањето на Дејн, Елoрди и Шејфер, во третата сезона се враќаат и Зендаја, Сидни Свини, Алекса Деми, Мод Апатоу и Клои Чери како постојани актери, додека Колман Домингo и Ника Кинг се враќаат како гостувачки ѕвезди.
Според официјалниот опис, во третата сезона „група пријатели од детството се соочува со доблеста на верата, можноста за искупување и проблемот на злото“.
Третата сезона на серијата „Euphoria“ премиерно ќе биде прикажана во недела, 12 април, на платформите „HBO“ и „HBO Max“.








