Микробиолог открива кои остатоци од храната треба да се изедат што поскоро: Пицата во фрижидер може да стои и до два дена, но ова јадење е безбедно само 24 часа

Точка

01/04/2026

21:40

740

Големина на фонт

а а а

Секако, нема да ги фрлите сите остатоци од оброкот веднаш, но треба да имате на ум и колку време смеете да ги чувате во фрижидерот за да не го загрозите здравјето со нивна консумација.

Во разговор за „The Conversation“, д-р Примроуз Фристон, микробиолог од Универзитетот во Лестер, откри дека одредени намирници спаѓаат во „високоризични“ и можат да предизвикаат труење со храна ако не се постапува со нив доволно внимателно.

„Труењето со храна се јавува по консумирање на храна контаминирана со патогени бактерии, габи или вируси“, рекла таа. „Повеќето луѓе знаат дека тоа може да го предизвика недоволно термички обработена храна или ризични навики при подготовка, но важен причинител може да бидат и неправилно чуваните остатоци од храна. Затоа е многу важно да се внимава како се чуваат остатоците за да се избегнат здравствени проблеми“, додала.

Зачините можат да бидат проблем

„Можеби звучи необично, но сушеното билје и зачини што луѓето често ги додаваат на пица, како босилек и оригано, можат да бидат подложни на микробна контаминација“, објаснила д-р Фристон. Контаминацијата може да се случи уште при берењето, а некои причинители на болести преносливи преку храна можат да преживеат на сушеното билје и подоцна да предизвикаат труење.


„Дури и ако тоа сушено билје се стерилизира со топлина при свежо печена пица, по печењето и предолго стоење на собна температура, тоа, како и другите додатоци на пицата, може да стане идеална подлога за размножување на штетни микроорганизми“, предупреди таа.

За да се избегне тоа, пицата треба да се смести во фрижидер во рок од два часа, а потоа да се консумира во рок од два дена.

Ориз

Без разлика на начинот на подготовка, остатоците од ориз можат да содржат спори на бактерии Bacillus cereus, чести причинители на труење со храна, кои добро се развиваат во скробни намирници.

„Иако самите бактериски клетки се уништуваат со топлина за време на готвењето, нивните спори се отпорни на високи температури и можат да преживеат“, вели д-р Фристон.

Затоа, оризот треба да се стави во фрижидер најдоцна два часа по готвењето. Во спротивно, спорите имаат доволно време да се развијат и размножат.


„Тие исто така можат да создаваат токсини во сварениот ориз, што може да предизвика силно повраќање и дијареа кои може да траат до 24 часа“, предупредила.

Откако ќе се излади, сварениот ориз е безбеден за консумација само во следните 24 часа.

Сварено пилешко месо

Свареното пилешко исто така се смета за високоризично, бидејќи по ладењето многу брзо се расипува.


„За безбедност, откако ќе го извадите свареното пилешко од рерната или тенџерето, делот кој не планирате веднаш да го јадете треба да го покриете и што побрзо да го ставите во фрижидер, веднаш штом малку ќе се излади“, препорачала таа.

На собна температура не смее да стои подолго од неколку часа, а во фрижидер може да се чува до три дена.

Конзервирана храна

Потребна е претпазливост и со конзервираната храна.

Иако содржината е безбедна додека конзервата е затворена, по отворањето храната треба да се префрли во затворен сад за да се спречи контаминација со микроорганизми од воздухот.


„Времето на чување зависи од видот на намирницата. Портокал или домат може да стои пет до седум дена, додека месо, риба, овошје, зеленчук и тестенини можат да се чуваат најмногу до три дена“, заклучила.