Колку пати ви се случило да се разбудите уморни, иако сте спиеле цела ноќ? Можеби сте поминале ден без поголеми обврски, а сепак сте чувствувале исцрпеност како да сте носеле товар со часови.
Тоa чувство не е ретко, а често нема врска со физички напор. Уморот не доаѓа секогаш од телото, многу често доаѓа од умот, емоциите и стресот кој се наталожува од ден на ден. Во време кога постојано сте изложени на информации, обврски и внатрешен притисок да бидете продуктивни, не е необично да се чувствувате исцрпено дури и кога „ништо не правите“.
Кога умот работи премногу
Иако мислите дека одмарате додека лежите, гледате серија, вашиот мозок често не престанува да работи. Размислувањето за обврските, анализирањето разговори, грижата за иднината и внатрешниот немир можат да трошат повеќе енергија отколку физичката работа.
Многу луѓе не се свесни колку ги исцрпуваат мислите кои постојано се вртат во позадина.

Телесен одговор на стрес
Стресот не мора секогаш да биде очигледен. Дури и кога немате конкретна причина за грижа, телото може да биде во состојба на подготвеност. Во такви моменти се лачат хормони на стрес како адреналин и кортизол, кои долгорочно можат да предизвикаат чувство на исцрпеност, тежина во телото и недостаток на енергија. Поради тоа често се чувствувате уморни и по „мирен“ ден.
Емоции кои трошат енергија
Понекогаш не ве уморува работата, туку она што го носите во себе. Потисната тага, загриженост, страв или анксиозност можат да бидат невидлив товар што исцрпува. Телото често реагира пред сами да си признаете дека сте под притисок.

Како да ја вратите енергијата?
Вистинскиот одмор не е секогаш само сон. Понекогаш е потребен мир за умот, кој ќе се постигне со кратка прошетка, време без мобилен телефон, квалитетен сон, лесна рутина, разговор со блиска личност или едноставно со неколку минути поминати во тишина. Понекогаш телото не ви кажува дека сте мрзеливи, туку дека предолго сте биле под напон.











