Иако нејзиниот стил во последните месеци е сè повоздржан и речиси строго деловен, Меланија Трамп направи моден пресврт што не помина незабележано и тоа пред една од најстилизираните европски кралици.
На вечерата во Белата куќа, организирана по повод доаѓањето на холандскиот кралски пар, Меланија повторно одигра на картата на силен моден впечаток и не згреши. Додека покрај неа стоеше Доналд Трамп, сите очи беа вперени во нејзиниот фустан.

Таа избра модел од модната куќа „Ердем“, бел миди фустан без ракави, со нагласена текстура и украсен со големи црни флорални апликации кои се прелеваат по целата силуета. Комбинација што на хартија звучи максималистички, во пракса делуваше исклучително контролирано и елегантно. Токму онака како што Меланија во последните години го гради својот моден потпис.
Класиката секогаш поминува
Со класични црни салонки и нејзината препознатлива фризура, целиот изглед беше баланс меѓу модерното и безвременското. И, можеби уште поважно отстапување од нејзиниот актуелен моден правец.
Бидејќи, како што пишуваат американските медиуми во последните денови, Меланија во вториот мандат значително го „пригушила“ стилот, избирајќи неутрални тонови и строги кроеви што не го одвлекуваат вниманието од пораката. Токму затоа овој нејзин стајлинг делува како мал, но јасен моден исчекор.

Од друга страна, кралицата Максима си остана верна на себе. Таа избра фустан во топла портокалова нијанса со нагласен струк и меки драперии – изглед што совршено го опишува нејзиниот смел и модно освестен пристап.

Заедничкото појавување на двете дами на црвениот килим беше сè што ваквите средби и треба да бидат – прецизно режиран спој на политика, протокол и мода. Покрај нив беше и холандскиот крал Вилем-Александер, со што дополнително беше нагласена формалноста на настанот.
Помеѓу порака и стил
Овој моден исчекор на Меланија доаѓа непосредно по едно од ретките јавни обраќања во кое остро се осврна на обвинувањата што ја поврзуваат со Џефри Епстин.

„Лагите што ме поврзуваат со осрамотениот Џефри Епстин мора да престанат денес“, порача таа, додавајќи дека оние што ги шират се „лишени од етички стандарди, понизност и почит“.










