Китовите користат самогласки како луѓето: Научниците откриле сложена фонетика кај кашалотите

Точка

15/04/2026

20:36

225

Големина на фонт

а а а

Комуникацијата на кашалотите, вид китови, морски цицачи кои се одвоиле од заедничкиот предок со луѓето пред повеќе од 90 милиони години, покажува изненадувачки сличности со човечкиот говор, вклучувајќи „азбука“ и формирање самогласки чија структура функционира на начин сличен на човечкиот говор, покажа најновото истражување.

Овие китови комуницираат со низи од кратки кликови, познати како коди, а анализата покажала дека можат да разликуваат „самогласки“ преку пократки или продолжени кликови, како и преку растечки или опаѓачки тонови, користејќи обрасци слични на јазици како мандаринскиот, латинскиот и словенечкиот, пишува Гардијан.

Како што се наведува во трудот објавен во списанието „Просидингс Б“, структурата на комуникацијата кај кашалотите има „блиски паралели во фонетиката и фонологијата на човечките јазици“, што укажува на независна еволуција.

Се додава дека нивните вокализации се „исклучително сложени и претставуваат една од најблиските паралели на човечката фонологија меѓу системите на животинска комуникација“.


Резултатите се дел од истражувањето на организацијата „Проџект ЦЕТИ“ (Иницијатива за преведување на комуникацијата на китовите), која ги проучува кашалотите кај брегот на Доминика со цел да го разбере нивниот „јазик“.

Иако до педесеттите години на минатиот век не било јасно дека кашалотите воопшто произведуваат звуци, современите технологии, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, овозможуваат подлабоко разбирање на нивната комуникација.

Основачот и претседател на проектот Дејвид Грубер оценил дека ова откритие покажува оти луѓето не се единствениот вид со развиен комуникациски и општествен живот, додавајќи дека кашалотите веројатно пренесуваат информации меѓу генерации веќе повеќе од 20 милиони години.

Истражувањето на овие животни го отежнува фактот што нуркаат и до 50 минути во потрага по храна, додека на површината поминуваат само десетина минути, кога меѓусебно комуницираат во близок контакт.


Иако нивниот „говор“ на човечкото уво му звучи како морзеова азбука, со отстранување на паузите меѓу кликовите научниците забележале обрасци слични на човечкиот говор, вклучувајќи и можност за менување на „самогласките“ за да се пренесат различни значења.

Лингвистот Гашпер Бегуш од Универзитетот Калифорнија, Беркли, кој го предводел истражувањето, истакнал дека сложеноста на комуникацијата кај кашалотите е поголема отколку кај други проучувани животни, како папагали и слонови.

Тој навел дека и покрај големите разлики во начинот на живот, постојат бројни сличности меѓу луѓето и кашалотите, вклучувајќи ги општествените врски, грижата за младите и заедничкото учество во породувањето.

Истражувачите сметаат дека овие откритија би можеле да ја приближат можноста за целосно разбирање, па дури и комуникација со кашалотите, а целта на проектот ЦЕТИ е во наредните пет години да разбере најмалку 20 различни вокални изрази поврзани со однесувања како нуркање и спиење.