Една ледена вечер во 1967 година во Сиракуза, среде снежна бура, додека тогаш деветнаесетгодишната студентка по новинарство Кетрин Свицер трчала свои десет милји, се родила идеја која на 19 април истата година прераснала не само во легенда, туку и во една од најинспиративните приказни за борбата за женски права.
Нејзиниот тренер Арни Бригс, добродушен поштар кој веќе 15 пати го истрчал Бостонскиот маратон, постојано раскажувал легенди за таа трка. Таа вечер, Кетрин пресекла: „Доста ми е од приказни, одиме да го истрчаме тој маратон!“ Арни возвратил со типичен став за тоа време – дека жените се кревки и дека физички не можат да издржат 42 километри. Сепак, паднал машки договор: ако му докаже на тренинг дека може, лично ќе ја однесе во Бостон.
Три недели пред трката, Кетрин не само што ја истрчала потребната километража, туку на крај додала уште осум километри „за секој случај“. Арни бил толку шокиран што на крајот од тренингот пребледел и се онесвестил.
Кога се освестил, инсистирал Кетрин официјално да се пријави. Го прегледале правилникот – никаде не пишувало ништо за пол. Таа се потпишала како што секогаш се потпишувала на своите текстови – „К.В Свицер“. Никој не претпоставувал дека тие иницијали ќе предизвикаат светски скандал.
59 years ago today, April 19, 1967, Pulitzer Prize–winning Boston Traveler photographer Harry Trask shot the unforgettable images of race director Jock Semple lunging at 20‑year‑old Kathrine Switzer just miles into the Boston Marathon, trying to tear off her bib (#261). Switzer… pic.twitter.com/411fHf5UJP
— Boston Radio Watch®️ (@bostonradio) April 19, 2026
Денот што ја промени историјата
На денот на трката, 19 април 1967 година, во Бостон било морничаво студено. Паѓал влажен снег измешан со ледена дождовница. Кетрин на стартот пристигнала со Арни и своето тогашно момче Том Милер, масивен фрлач на чекан. За да задржи барем малку женственост во сивилото, намерно ставила кармин и златни обетки, иако Том ја убедувал да ги тргне за да не ја препознаат.
Додека стоеле на стартот во широки тренерки, останатите тркачи биле воодушевени. Мажи ѝ приоѓале, ѝ честитале и барале совети како да ги мотивираат своите сопруги да почнат да трчаат. Сè изгледало идилично додека не ги поминале првите четири километри.
Тогаш покрај нив се појавил службен автобус со новинари. Џок Семпл, директорот на трката, шкотски имигрант кој фанатично ја чувал „чистотата“ на маратонот, ја забележал девојката со стартниот број 261. За него, таа била натрапник што ја нарушува престижната институција. Семпл скокнал од автобусот, потрчал по неа и ја зграпчил за рамениците викајќи: „Изгуби се од мојата трка и дај ми ги тие броеви!“
Кетрин се вкочанила. Почувствувала како овој бесен човек се обидува да ѝ го искине бројот. Во тој момент, Том како човечки проектил се фрлил врз Семпл и буквално го оттурнал од патеката. Арни само викнал: „Трчај како ѓавол!“, и малата група продолжила низ лапавицата.
Трка против предрасудите
Остатокот од трката бил вистински пекол. Новинарите ги следеле со километри, поставувајќи агресивни прашања: „Што се обидуваш да докажеш?“ и „Кога ќе се откажеш?“. Тогаш Кетрин сфатила дека повеќе не трча за себе. Знаела дека ако се откаже, ќе ги потврди сите предрасуди – дека жените се слаби и дека таму не им е местото.
Нозете ѝ биле во рани, плускавците крвареле во мокрите патики, но таа ја поминала целта по 4 часа и 20 минути.
Последиците биле сурови. Аматерската атлетска унија (AAU) веднаш ја дисквалификувала и ја исфрлила од сојузот под обвинение дека го „измамила“ системот со пријавување со иницијали и дека трчала без придружба (иако имала тренер). Сепак, тоа само ја мотивирало. Таа станала предводничка на движењето кое во 1972 година конечно им овозможило на жените официјално да трчаат на Бостонскиот маратон.
Од конфликт до симбол на еднаквост
Нејзиниот однос со напаѓачот Џок Семпл доживеал неверојатен пресврт. Години подоцна, Семпл признал дека тој ден го излудела група несериозни тркачи, а Кетрин била само „капката што ја прелила чашата“.
Како што женското трчање се развивало, тој станал еден од нејзините најголеми поддржувачи. Позната фотографија од 1973 година ги прикажува Џок и Кетрин прегрнати пред стартот на трката.
Таа дури го посетила во болница пред неговата смрт во 1988 година, кога ѝ признал: „Ја направив твојата приказна можна со тој напад“. Без тие фотографии од судирот, светот можеби никогаш немаше да ја види оваа борба за рамноправност.
Интересно е што, за разлика од односот со Семпл кој се подобрил, со Том Милер, иако се омажила за него една година по трката, љубовта не опстанала – се развеле во 1973 година.
En el año 1973 Kathrine Switzer se fotografía con Jock Semple, el comisario que intentó expulsarla de la carrera 8 años antes Kathrine lo había conseguido, había roto la barrera, las mujeres podían competir. pic.twitter.com/8S6YQHwmTY
— ✈️Deivid Nagan✈️ (@DeividNagan) March 7, 2018
Наследство што инспирира генерации
Во 2017 година, на 50-годишнината од својот подвиг, Кетрин повторно го истрчала Бостонскиот маратон на свои 70 години, повторно носејќи го бројот 261. Истиот ден, тој број бил трајно повлечен од употреба во нејзина чест.
Она што започнало како бесен напад среде снежна бура, завршило како глобален симбол на храброст и истрајност, кој и денес инспирира милиони жени ширум светот.













