Туристите на социјалните мрежи споделија поделени мислења за канарскиот остров Лансароте, при што некои велат дека поради постојаниот ветер, песокот и растот на цените повеќе нема да доаѓаат, додека други го бранат островот како и натаму атрактивна дестинација.
По недели поплаки за условите на Тенерифе, се чини дека и островот Лансароте се најде под лупа на посетителите.
Туристите се незадоволни
На социјалните мрежи се проширија снимки во кои поединечни туристи тврдат дека со оваа популарна дестинација е „готово“. Едно видео, кое на ТикТок го објави корисникот „Bigi Bils“, предизвика жестока расправа. Многумина се согласија дека еден неочекуван фактор ги одвраќа од повторно доаѓање и изнесоа сериозни замерки на сметка на Канарските Острови.
„Еве зошто на луѓето им е доста од Лансароте. Ветерот не престанува. Песокот завршува насекаде — во лицето, пијалакот и храната. Сепак, не мислат сите така“, се вели во видеото додавајќи: „Некои подрачја се помирни. Прашање е колку тоа кому му е важно“. На туристите најмногу им пречат ветерот и високите цени.
Видеото предизвика стотици коментари и се чини дека многумина имаат многу цврст став за островот.
„Како да сте заглавени на Месечината, но со едно мало гратче во кое нема многу содржини“, напишал еден корисник.
Друго додал: „Стана прескапо.“
Трет корисник коментирал: „Сега сè е прескапо, аеродромот е хаотичен, а ветерот беше неверојатно силен во Коста Тегисе кога последен пат бев таму. Имам чувство дека местото пропаѓа“.
„Времето е целосно непредвидливо. По години доаѓање, повеќе нема да се враќаме, бидејќи три одмори ни ги расипаа лошите временски услови“, стои во еден коментар.

Уште посетител го споделил своето искуство: „Бев таму минатата недела. Новиот систем на аеродромот, лошото време и превисоките цени целосно ме оттурнаа од повторно доаѓање“.
Меѓутоа има и такви кои тврдат дека Лансароте и понатаму е најдобриот остров. Имено бројни туристи застанаа во одбрана на островот и признаа дека обожаваат таму да летуваат.
„Бев таму минатата година. Најдобар Канарски остров. Ќе се вратам“, напишал еден корисник.

„Готово? Секоја година имаме сè повеќе гости, како и сите наши бизниси“, напишал друг. Трет порачал дека ова место е најдоброто место досега: „Најдоброто место досега. Чисто, пријатно и прекрасно. Се враќам во јули и едвај чекам“.
„Ако не ви се допаѓа, немојте да одите. Лансароте е нашата омилена дестинација за одмор. Ветерот воопшто не нѝ пречи“, напишал еден од „бранителите“ на островот.

Зошто Лансароте е посебен, но и предизвикувачки за некои туристи?
Лансароте се смета за една од најпопуларните дестинации за одмор во текот на целата година, особено меѓу Европејците кои бараат потопла клима. Островот е познат по вулканските пејзажи, плажите и елегантната, уметничка атмосфера.
Сепак, познато е дека станува збор за многу ветровит остров. Речиси постојаниот ветер и силните пасати го прават идеален за водени спортови, но на некои посетители токму тоа им пречи. Ветерот обично е најсилен од крајот на мај до почетокот на септември.

Кога станува збор за цените, Лансароте некогаш се сметаше за поповолна опција во споредба со земјите од северна Европа, но во последните години трошоците значително пораснаа.

Иако и понатаму нуди добар однос меѓу цената и квалитетот, посетителите денес можат да очекуваат повисоки цени во рестораните и сместувањето отколку пред 2020 година. Особено се истакнува дека подрачја како Плаја Бланка и Пуерто дел Кармен станале значително поскапи.














