Рускиот тенисер Марат Сафин отсекогаш важеше за играч кој не прифаќа правила и очекувања. И за време на кариерата беше автентичен, а се чини дека таков останал и откако го напушти професионалниот спорт.
Иако своевремено беше прв рекет во светот и освои два гренд слем трофеи, денес живее далеку од рефлекторите, избирајќи сосема поинаков животен пат. Можеби најдобро го опишува зборот „авантурист“.

Во последно време повторно го привлече вниманието на јавноста, но не поради тенисот. Сафин на социјалните мрежи сподели фотографии од пустина, каде престојува сосема сам, спие во шатор и одмора под ведро небо. Покрај тие сцени остави кратка порака: „Наш дом – мајка природа“. На некои фотографии речиси е невозможно да се препознае. Со син турбан и темни очила, се вклопил во амбиентот, додека во позадина се назираат врвовите на планината Атлас. За време на престојот таму се дружел и со локалното население, носејќи традиционални марокански џелаби.

Ваков потег не е целосно изненадување за некогашниот руски ас. По завршувањето на кариерата се повлече од јавноста, иако кратко време беше активен и во политиката. Во еден период се појавуваше покрај Андреј Рубљов на турнири, но и тогаш нагло исчезна од фокусот, како да одлучи повторно да се дистанцира од светот на професионалниот спорт.
И додека денес избира мир и изолација, Сафин за време на играчката кариера беше познат и по бурниот живот надвор од терените. Важеше за голем шармер, а една од повпечатливите сцени се случи за време на финалето на Австралија опен, кога во неговата ложа седеа три русокоси, што дополнително го зацврсти неговиот имиџ.
Marat Safin's player box during Australian Open 2002 #Safinettes pic.twitter.com/6qHfMhYKcF
— Tennis Vintage Pic (@pic_tennis) February 17, 2015
Сафин се обиде да ја разјасни ситуацијата, тврдејќи дека нема никаква врска со девојките од ложата и дека само му помогнал на пријател околу билетите, но малкумина поверуваа во таа верзија на приказната. Токму таа сцена остана запаметена и дополнително го зацврсти неговиот имиџ како еден од најголемите заводници во светот на тенисот.
Тениските кругови и понатаму ја прераскажуваат и анегдотата од 2003 година, кога се зборуваше дека ноќта пред финалето на Австралија опен ја поминал во забава. Деталите подоцна ги изнесе неговиот колега Даниел Келерер, со што дополнително се поттикна легендата за неконвенционалниот пристап на Сафин и животот надвор од терените.

„Пиев за време на кариерата, но дури од 24-та година. Тогаш го видов Сафин како пие пред финалето на Австралија опен. Помислив – ако јас трезен не можам да мрднам од 150-то место, а тој во таква состојба игра финале, можеби алкохолот и не е толкав проблем. Делуваше како веќе да слави, како да му е роденден или веќе го освоил турнирот“, изјави тој.
Сафин беше светски број еден, во кариерата освои 15 титули, а беше и освојувач на Австралија опен 2005, а претходно и на УС Опен 2000.



