„Porsche“ се согласи да ги продаде своите акции во „Bugati Rimac“ и „Rimac Group“ на конзорциум предводен од „HOF Capital“, инвестициска фирма со седиште во Њујорк, која е инвеститор во компании како што се „Space X“, „Open AI“ и „Аntropic“. Договорот за трансакција беше потпишан на 24 април 2026 година.
Завршувањето на трансакцијата се очекува по добивањето на регулаторните одобренија од надлежните органи, според соопштението на „Rimac Group“. Вредноста на трансакцијата не е прецизирана, но во деловните кругови хрватските медиуми дознаваат дека овој договор вреди повеќе од вртоглава милијарда евра.

Во 2021 година, „Porsche“ и „Rimac Group“ го основаа „Bugati Rimac“ како заедничко вложување за да служи како дом за иконскиот бренд „Bugatti“. Во ова заедничко вложување, „Porsche“ поседува малцински удел од 45%, додека „Rimac Group“ поседува 55% од акциите.
„Porsche“, исто така, поседува 20,6% удел во „Rimac Group“. Како дел од трансакцијата објавена денес, „Porsche“ ќе ги продаде своите акции во „Bugatti Rimac“ и „Rimac Group“ на конзорциум предводен од „HOF Capital“, додека „Rimac Technology“ ќе остане снабдувач на клучни компоненти за „Porsche“ и други брендови на „Volkswagen Group“. Конзорциумот на инвеститори го вклучува „BlueFive Capital“ како најголем инвеститор, како и група институционални инвеститори од САД и Европа.
По завршувањето на трансакцијата, „Rimac Group“ ќе ја преземе контролата врз целиот „Bugatti Rimac“, кој е исто така 100% сопственик на „Bugatti Automobiles“ во Франција, преку стратешко партнерство со „HOF Capital“ и „BlueFive Capital“ со цел да се поддржи континуираниот раст.
„HOF Capital“ дополнително ќе се придружи на „Rimac Group“ како најголем акционер заедно со Мате Римац, основач и главен извршен директор (CEO) на „Bugatti Rimac“. Под услов да се добијат регулаторни одобренија, трансакцијата се очекува да се затвори до крајот на 2026 година. Вклучените страни се согласија да ги чуваат финансиските услови на трансакцијата доверливи, освен кога нивното откривање е потребно во согласност со важечките обврски за финансиско известување.

„При создавањето на заедничкото вложување „Bugatti Rimac“, заедно со „Rimac Group“, успешно ги поставивме темелите за иднината на брендот „Bugatti“. И како ран инвеститор во „Rimac Group“, „Porsche“ даде значаен придонес во развојот на „Rimac Technology“ во компанија за автомобилска технологија од ниво 1. Сега, со продажбата на нашиот удел, сакаме да покажеме дека ќе се фокусираме на основната дејност на „Porsche“. Сакаме да им се заблагодариме на Мате Римац и неговиот тим за конструктивната соработка и меѓусебната доверба во текот на изминатите години“, изјавил д-р Мајкл Лајтерс, извршен директор на „Porsche AG“.
Симбол на автомобилската страст
Мате Римац, извршен директор на „Bugatti Rimac“, истакнува дека „Porsche“ бил нивниот клучен партнер и дека се исклучително благодарни за неговата улога во основањето на „Bugatti Rimac“.
„Со силните темели обезбедени од нивната поддршка, сега имаме структура што ни овозможува уште побрзо да ја реализираме нашата долгорочна визија. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со нашите нови партнери, додека пак ќе продолжиме да соработуваме со „Porsche“ и другите членови на „Volkswagen Group“ како снабдувач на клучни компоненти како што се батерии и системи за погон“, рече Римац.