Подгответе го највкусниот колач со лимон: Пролетен десерт во кој особено ќе уживате

Точка

25/04/2026

15:15

297

Големина на фонт

а а а

Колачот со лимон е класика на секоја пролетна сезона, а претставува идеален десерт за уживање со шолја чај.

Иако многу слаткари имаат своја верзија на овој популарен десерт, авторката на популарниот блог „Jane's Patisserie“, Џејн Дан го откри својот креативен рецепт за овој колач.

Тајната на подготовката се крие во еден овошен додаток кој дава единствена нота и сочност, а станува збор за боровинки. Џејн тврди дека комбинацијата на лимон и боровинки се покажала како полн погодок во многу рецепти што ги подготвувала.

Потребни состојки:

- 225 грама путер
- 225 грама шеќер
- 225 грама брашно
- 50 грама мелени бадеми
- четири големи јајца
- кора од два лимона
- 150 грама свежи боровинки
- 150 грама шеќер во прав
- сок од еден лимон


Подготовка:

Рерната загрејте ја на 180 степени. Калапот за печење обложете го со хартија за печење. Во голем сад пенесто изматете го омекнатиот путер и шеќерот додека смесата не стане светла и кремаста.

Додадете брашно, мелени бадеми, јајца и рендана кора од лимон, па сè повторно измешајте додека состојките не се соединат.

На крај, со шпатула вмешајте ги боровинките во смесата, внимавајќи да не ги згмечите. Смесата рамномерно распоредете ја во подготвениот калап и израмнете ја површината. Печете во загреана рерна 45 до 55 минути.

Проверете дали колачот е печен така што ќе боцнете чепкалка во средината, а ако излезе чиста, колачот е готов. Испечениот колач оставете го целосно да се излади во калапот пред да го прелиете со глазура.

За глазурата, во мал сад измешајте шеќер во прав и сок од лимон. Мешајте додека не добиете густа, мазна паста. Глазурата прелијте ја врз изладениот бисквит. Пред послужување, колачот можете дополнително да го украсите со свежа кора од лимон и боровинки.

Уживајте во вкусниот пролетен десерт.