Македонскиот музичар Георги Гавровски, попознат во јавноста како Гого Реквием, повторно ја изненади публиката со нов музички проект. Тој деновиве ја промовираше својата најнова песна со наслов „Убава си“, нумера која носи силна емоција, мелодичност и препознатлив авторски печат.
Особено впечатливо е што зад целиот креативен процес стои самиот Гого Реквием. Музиката, текстот и аранжманот се негово дело, со што уште еднаш потврдува дека е комплетен автор кој знае како својата идеја да ја претвори во музичка приказна. Песната „Убава си“ носи позитивна енергија и романтична порака, а според првите реакции на публиката, таа веќе го привлекува вниманието на љубителите на домашната музика.
Покрај аудио изданието, објавен е и интересен видеозапис кој дополнително ја збогатува целокупната атмосфера на песната. Спотот изобилува со кадри од некои од најубавите природни предели во Македонија – живописни планини, езера, зелени пространства и автентични локации кои ја доловуваат убавината на земјата. На тој начин, видеото не е само визуелна поддршка на песната, туку и вистинска промоција на македонските природни богатства.
Идејата за видеото, исто така, е на Гого Реквием, кој стои и зад неговата продукција. Со ова, тој покажува дека внимателно го гради секој сегмент од своите проекти, оставајќи личен печат и во музичкиот и во визуелниот дел.
Со „Убава си“, Гого Реквием испраќа порака за љубовта, убавината и вредноста да се препознае прекрасното околу нас. Новата песна веќе е достапна за слушање на дигиталните платформи.

„Песната ја напишав уште 2001 година, кога почна воениот конфликт во Македонија. Не сакав да ја пеат само Македонците, сакав да ги спои сите нации кои живеат во нашата земја. Но ете, остана во фиока цели 25 години и по цел четврт век сега е нејзината промоција. Некогаш животот ги реди коцките токму онака како што треба. Бидејќи рокенролот е мојот живот, таков моќен звук има и „Убава си“ иако се провлекува и една етно нишка која не поврзува со ова парче земја на кое живееме“, вели Георги Гавровски.
Видеото за „Убава си“ е направено со АИ технологија.








