Иако одамна го изгради сопствениот пат на сцената, актерката Нела Павловска признава дека за многумина и денес останува препознатлива како „малата на Тања“.
Ќерката на легендарните македонски актери Тања Кочовска и Предраг Павловски во емисијата „Нешто конкретно“ искрено проговори за растењето во уметничко семејство, за товарот и убавината што ги носи славното презиме, но и за тоа како изгледа животот кога родителите се јавни личности кои публиката неизмерно ги сака.
Нела, која денес е успешна актерка и дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, со насмевка раскажа дека и покрај сите нејзини професионални ангажмани, луѓето сè уште најчесто ја ословуваат како „малата на Тања“. Токму таа реченица, како што открива, во себе носи многу емоции, спомени и силна поврзаност со семејството од кое потекнува.
Во разговорот, таа сподели и досега непознати детали за односот со своите родители, за нивната поддршка, воспитување и влијанието што го имале врз нејзиниот карактер и кариера. Искрената исповед на Нела отвори едно поинакво, лично поглавје за семејството, кое со децении остава длабока трага во македонската култура и театар.
✨„Кај мене е тоа ‘малата на Тања’ и тоа е секогаш смешката. А инаку тие што го знаат татко ми, секогаш: ‘Иста си ко татко ти, скината глава си на татко ти’. А тие пак што ја знаат мајка ми од порано, секогаш велат: ‘Е многу потсетуваш на мајка ти’. И додека стасам јас на ред… ама јас сум Нела, може ли јас да сум Нела? ‘Па, и на тетка ти малку личиш, а и баба ти кога беше млада со косичката, со очите… па и дедо ти па светли очи има“, сподели младата актерка.

Нела потоа го спомена својот брат Александар, кој е син на Тања од бракот со покојниот актер Владимир Ендровски, и рече дека тој избрал да не се занимава со глума, туку со туризам.
✨„Тој со сосема нешто друго се занимава, со туризам. Има уште две сестри кои исто така се од актерско семејство и тие не продолжија“, додава Нела Павловска.
Потоа, водителката ги праша гостите на кого се обраќаат кога ќе им тргне на лошо, а Нела одговори дека тоа е татко ѝ.

✨„Тато, затоа што е многу смирен човек, а мајка ми е темпирана бомба. И мислам дека што и да тргне некако наопаку, не знам што и да се случи, татко ми само ќе ми каже: ‘Добро, смири се, полека, ќе средиме’. А мајка ми: ‘А кој, што, каде, како, да го тепам…’. И тука додека се разбереме“, изјави младата актерка.
Нела исто така со особена радост изјави дека е горда на татко ѝ затоа што никогаш не правел разлика помеѓу неа и нејзиниот брат Александар Ендровски, иако Предраг не му е биолошки татко.
✨„На Тања сум горда затоа што кај неа ништо не е невозможно. Сè може, сè… Едноставно мислам дека таа жена навистина сè може да направи. А татко ми – најгорда на татко ми сум што никогаш во животот, никогаш нема направено разлика меѓу мене и брат ми, иако брат ми не е негов син. А заедно се од кога брат ми имал шест години. Никогаш не направил разлика. Напротив, тие се екипа“, рече актерката.









