Ученик објавувал заканувачки пораки за неговите соученици во Битола; Безбедноста и благосостојбата на учениците e наш највисок приоритет, велат од училиштето

Макфакс

07/05/2026

19:18

156

Големина на фонт

а а а

Ученик во Битола на социјални мрежи објавувал вознемирувачки пораки за соучениците и нивните родители.

Директорот на ООУ „Стив Наумов” – Битола, Николче Пискачев, преку соопштение, апелира до јавноста за воздржаност од ширење на непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено, како што подвлекува, имајќи предвид дека станува збор за малолетници.

„Во врска со настанот поврзан со ученик од нашето училиште кој преку социјалните мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки за неговите соученици и нивните родители, како транспарентно училиште, Ве информираме дека училиштето веднаш постапи согласно своите законски надлежности и обврски.

Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес во училиштето, по добиената претставка од група родители до ДПИ, училиштето без одлагање ги извести надлежните институции – Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование на општина Битола, со цел случајот целосно да се испита и понатаму институционално да се постапува по истиот.

Во рамките на нашите надлежности, училиштето презеде соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени“.

Безбедноста и благосостојбата на учениците, потенцира директорот на училиштето, останува највисок приоритет.

„Училиштето ќе продолжи да соработува со надлежните институции до целосно разрешување на случајот“.