Популарна дестинација на удар на критики поради новата одлука: Туристите остануваат без алкохол среде одмор

Точка

11/05/2026

20:38

725

Големина на фонт

а а а

Популарна карипска дестинација се најде на удар на критики од туристите по најавата за привремена забрана за продажба на алкохол, поради која многу посетители ќе останат „на суво“.

Одлуката ја донела владата на Бахамите, а забраната почнува на 12 мај.

Овој архипелаг е неизбежна станица за бројни крузери, а мерката значи дека патниците кои ќе се симнат на копно нема да можат да купуваат алкохолни пијалаци.

Забрана поради избори

Имено, Бахамите ќе ја запрат продажбата на алкохол во вторник, 12 мај, на денот на одржувањето на изборите во земјата. Според известувањето на владата што го доби Фокс Њуз, забраната ќе важи од 8 часот наутро до 18 часот, додека се отворени избирачките места.


„Ќе се смета дека секое лице кое продава, изложува или нуди за продажба каков било опоен пијалак во наведените часови, тоа го прави без дозвола, во согласност со Законот за деловни дозволи“, се наведува во известувањето.

Погодени се и приватните острови

Оваа забрана за алкохол ќе се однесува на целата територија, вклучително и на приватните острови и ресорти со кои управуваат компаниите за крстарења.


Од компанијата „Royal Caribbean International“ за магазинот „People“ потврдиле дека забраната се однесува и на нивниот популарен приватен остров Кококеј (CocoCay), каде во тој период ќе пристигнат два нивни брода — „Oasis of the Seas“ и „Wonder of the Seas“.

Во писмото испратено до гостите, „Royal Caribbean“ наведе: „Министерството за национална безбедност на Бахамите издаде јавно известување со кое се забранува дистрибуција на алкохол за време на националните избори. Ја разгледавме можноста за исклучоци, меѓутоа, ова ограничување важи на целата територија на Бахамите“.


Портпаролот на компанијата додаде: „Royal Caribbean ги почитува и се придржува до сите локални закони и прописи, како што правиме на секоја дестинација што ја посетуваме“.

Ваквата одлука предизвика лавина негативни коментари, а социјалните мрежи се преплавени со пораки од огорчени патници, пренесе „New York Post“.

Многумина се жалат на доцното известување, тврдејќи дека, доколку порано знаеле за ограничувањата, „ќе избрале поинаков план за патување за прослава со пријателите“.


Еден од бесните патници напишал на социјалните мрежи:

„Планиравме патување со застанувања на Бахамите за нашата 40-годишнина. Патуваме со 26 пријатели. Имавме испланирани активности на Кококеј и во Насау. Општите избори го забранија целиот алкохол додека сме таму. А за тоа дознаваме само два дена пред поаѓање? Тоа не е начин на однесување кон клиенти кои крстарат четири пати годишно“.

Своето искуство го споделил и еден патник во Фејсбук-групата „Royal Caribbean Cruise Tips & Updates 2026“:

„Ова нѝ се случи на 30 април и навистина нѝ ја расипа дневната посета на Royal Beach Club на островот Paradise Island. Бармените и келнерите исто така беа разочарани, а целата ситуација беше многу непријатна“.


Утеха сепак постои

Сепак, постои и мала утеха за љубителите на пијалаци. Забраната се однесува исклучиво на продажба на алкохол на копно, што значи дека патниците и понатаму ќе можат да купуваат и да консумираат алкохолни пијалаци на своите крузери.

Бахамите не се единствената земја што воведува вакви ограничувања за време на избори — слични правила постојат и во одредени држави во Индија, како и во Чиле.