Многумина денот го започнуваат со кафе и печиво од пекара, но експертите предупредуваат дека изборот на храна веднаш по будењето може значително да влијае врз енергијата, концентрацијата и чувството на глад во текот на остатокот од денот.
По неколку часа сон, организмот останува без храна и течности, поради што е важно телото да добие квалитетен оброк кој нема да предизвика нагол скок на шеќерот во крвта.
Нутриционистите истакнуваат дека идеалниот појадок треба да содржи протеини, влакна и здрави масти, додека претерано масната и слатка храна треба да се избегнува во раните утрински часови.

Меѓу најдобрите избори по будењето се издвојуваат јајцата, овесните снегулки, јогуртот, кефирот и свежото овошје.
Јајцата се богати со протеини и обезбедуваат долго чувство на ситост, а можат да се комбинираат со интегрален леб и зеленчук. Овесните снегулки се уште еден чест избор бидејќи на организмот му даваат постепена енергија без нагли осцилации на шеќерот.

Јогуртот и кефирот се погодни за луѓе кои не сакаат тежок појадок веднаш по станувањето, додека овошјето како банани и јаболка му обезбедува на организмот витамини и природни шеќери.
Експертите особено предупредуваат на консумирање кафе на празен стомак, што кај многу луѓе може да предизвика нервоза, киселини или чувство на непријатност.
Исто така, појадокот кој се состои исклучиво од печива и благо често доведува до брз пад на енергијата и повторно чувство на глад по само неколку часа.

Еден од поедноставните предлози за здрав почеток на денот вклучува чаша вода веднаш по будењето, а потоа комбинација од јајца, интегрален леб и свеж зеленчук или јогурт со овесни снегулки и овошје.
Иако не постои универзален појадок што им одговара на сите, експертите сметаат дека најважно е да се избегнуваат големи количини шеќер и да се избираат намирници кои на организмот му обезбедуваат стабилна енергија во текот на утрото.








