СЗО: Лицето од САД негативно на хантавирус, бројот на случаи во светот е намален на десет

Макфакс

15/05/2026

22:10

163

Големина на фонт

а а а

Директорката на Одделот за подготвеност и превенција на епидемии и пандемии при СЗО, Марија ван Керхове, соопшти дека според новите податоци, лицето од САД претходно сметано како можно позитивно на хантавирус, всушност е негативно, со што бројот на случаи во светот се намалува на десет. Вкупно 41 лице во САД се следи поради можноста за зараза, а епидемијата почна од холандскиот крузер MV Hondius.

Директорката на Одделот за подготвеност и превенција на епидемии и пандемии при Светската здравствена организација (СЗО), Марија ван Керхове, денес изјави дека во Соединетите Американски Држави е потврдено дека едно лице кое имало нејасен резултат од тестот подоцна било негативно на хантавирус, што го намалило вкупниот број на случаи во светот од 11 на 10.

Ван Керхове изјави дека претходниот извештај на агенцијата вклучувал едно лице кое имало неопределен резултат од тестот, а тоа било лице од Соединетите Американски Држави, пренесува Ројтерс.

„Подоцна добивме потврда од САД дека ова лице било негативно“, истакна таа.

Во САД, здравствената состојба на 41 лице се следи поради можноста да се заразени со хантавирусот, објави вчера Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC).

Овие лица беа замолени да останат дома и да избегнуваат контакт со други во текот на 42-дневниот период на следење.

Дејвид Фитер, докторот задолжен за ситуацијата со хантавирусот во ЦДЦ, рече дека сите потенцијално заразени лица доаѓаат од „три главни групи“ на потенцијално заразени.

„Ова се патници кои неодамна се репатрирани и се наоѓаат во Небраска и Емори, потоа патници кои го напуштиле крузерот и се вратиле дома пред да се забележи епидемијата, и трето, оние кои можеби биле изложени на вирусот за време на патувањето, особено на летови каде што имало симптоматски случаи“, рече Фитер.

Епидемија на смртоносен хантавирус (сој од Андите) избувна на холандскиот крузер „MV Hondius“ во април оваа година, додека бил на пат од Аргентина кон Зелен ’Рт, а СЗО предупредува дека се очекува зголемување на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација (шест до осум недели) и блискиот контакт на патниците.