Модерните крадци на автомобили повеќе не се аматери со метални шипки и шрафцигери – денес станува збор за високотехнолошки организирани банди.
Според податоците за 2024 година, најголем број кражби на моторни возила во Европа се регистрирани во Луксембург, со дури 562 кражби на 100.000 жители.
Следуваат Шведска со 268, Италија со 232 и Франција со 198 кражби на 100.000 жители.
На листата се уште и Грција со 174, Холандија со 135 и Ирска со 97 кражби.
Хрватска се наоѓа на 13. место во Европската Унија, со 41 кражба на моторни возила на 100.000 жители, а интересен податок е што голем процент од украдените возила успешно се пронаоѓаат и им се враќаат на сопствениците.
Во посигурната зона се и Србија и Албанија.
Најмал број кражби се евидентирани на Кипар, во Романија и Словачка.

Главни трендови и методи на крадците
Современите крадци користат напредни технологии и добро организирани криминални мрежи.
„Relay Attacks“ – безжични напади
Ова е најпопуларниот метод за кражба на понови возила со „keyless“ системи, односно стартување без клуч.
Крадците користат специјални засилувачи на сигнал за да го „фатат“ сигналот од клучот кој се наоѓа во домот на сопственикот, да го пренесат до автомобилот, да го отклучат и да заминат со него за помалку од 60 секунди.
Кражба „по нарачка“
Организираните криминални групи таргетираат конкретни марки и модели.
Возилата често се расклопуваат за само неколку часа во таканаречени „chop shop“ нелегални работилници, каде што скапите делови се продаваат одделно.
Во други случаи, автомобилите експресно се товараат во бродски контејнери и се извезуваат надвор од Европа.

Најчести мети на крадците
На удар често се француските модели како „Renault“ и „Peugeot“, но и неизбежните „Volkswagen Golf“ и „Passat“.
Во огромен пораст се и кражбите на јапонски и корејски SUV модели, како „Toyota RAV4“, „Lexus“, „Hyundai“ и „Kia“, како и луксузни автомобили од типот на „Range Rover“, „BMW“ и „Mercedes“.
Како да се заштитите од модерните крадци?
Бидејќи фабричката електроника често не може да ги запре современите криминалци, експертите препорачуваат враќање на некои „старомодни“, но ефикасни методи.
„Faraday“ кутија или торбичка
Доколку вашиот автомобил има „keyless“ систем, клучевите задолжително чувајте ги во специјална торбичка или кутија што блокира RFID и радио сигнали.
Механичка заштита
Механичките блокади на воланот или менувачот и понатаму се одлична заштита.
Крадците бараат брзина и лесна мета, па кога ќе забележат механичка заштита, најчесто се откажуваат бидејќи нејзиното отстранување бара време и создава бучава.
GPS тракер
Скриен GPS уред нема да ја спречи кражбата, но значително ги зголемува шансите полицијата да го лоцира возилото пред да биде расклопено или пренесено во странство.











