Канцеларијата на локалниот шериф објави видеоснимка од потера по 44-годишен возач, кој по драматично бегство и буквално „летање“ со автомобилот над патот, на крајот бил уапсен со употреба на електрошокер.
Од канцеларијата на шерифот на округот Фонд ду Лак во Висконсин објавија неверојатна снимка од полициска потера, на која се гледа автомобил на осомничен како буквално лета над сообраќајница.
Инцидентот се случил во саботата, на 9 мај, во утринските часови, откако државната патрола на Висконсин запрела возило за контрола.
Бидејќи по возачот била распишана активна потерница, полицаецот веднаш побарал засилување.
Бегалец и „каскадер“
По пристигнувањето на заменик-шериф и уште еден припадник на државната патрола, осомничениот возач нагло забрзал и избегал од местото каде што бил запрен, по што започнала потерата.
Возејќи со голема брзина кон излез на соседна улица, автомобилот на бегалецот излетал во канал, удрил во насип и буквално прелетал над попречниот пат и над возило што доаѓало од спротивна насока – сцена на која и самите полицајци реагирале со извик на неверување.
По „каскадерскиот“ лет, возилото конечно застанало на поле од другата страна на улицата, со што завршила потерата долга повеќе од седум километри.
Возачот, 44-годишен маж од Милвоки, излегол од тешко оштетениот автомобил и се обидел да избега пеш.
Полициските службеници брзо го совладале со употреба на електрошокер и го привеле.





