Ајфеловата кула добива конкуренција: Завршена контроверзната „пирамида“ во Париз – прв облакодер во центарот на градот по половина век

Точка

19/05/2026

13:21

898

Големина на фонт

а а а

По години судски постапки и јавни дискусии, кулата од 180 метри ја достигна својата конечна висина, што е една од најважните градежни пресвртници во Париз во последните децении.

Сместен во близина на Порт де Версај во 15-тиот арондисман, овој комплекс со мешана намена од 42 ката е првиот голем облакодер во центарот на Париз од завршувањето на кулата Монпарнас во 1973 година. Проектот стана симбол на конфликтот помеѓу зачувувањето на традиционалниот, низок урбан пејзаж на Париз и потребата од современ развој на градот, пишува „Parametric architecture“.


Стаклено сечило кое ја менува формата во зависност од аголот

Благодарение на својата триаголна форма, кулата е еден од највпечатливите нови архитектонски проекти во Европа. Набљудувана од различни агли, таа изгледа како тенко стаклено сечило или како масивна пирамида што се издига над Париз. Архитектите од студиото „Herzog & de Meuron“ ја проектирале зградата за да го намалат нејзиниот визуелен волумен, со максимално користење на природна светлина и подобра енергетска ефикасност.


Изградбата на „Tour Triangle“ беше обележана со бројни контроверзии уште од самото претставување на проектот во 2008 година. Градските власти на Париз го отфрлиле проектот во 2014 година поради загриженост за висината и влијанието врз изгледот на градот, но планот бил одобрен во 2015 година. По неколку судски спорови, изградбата конечно влезе во целосна фаза во 2022 година.


Отворањето е планирано до крајот на 2026 година

Облакодерот треба да биде отворен до крајот на 2026 година и да вклучува канцеларии, хотел, конференциски сали, малопродажни простори, ресторани, видиковци и културни објекти. Според некои информации, на повисоките катови би можело да има и панорамска атракција со поглед на цел Париз.


Со висина од 180 метри, „Tour Triangle“ ќе биде една од највисоките згради во Париз, веднаш зад Ајфеловата кула и кулата Монпарнас. Инвеститорите истакнуваат дека проектот е дизајниран со фокус на одржливост, вклучувајќи енергетска ефикасност, големи стаклени површини за природно осветлување, геотермални системи и намалени емисии на јаглерод.

Поддржувачите веруваат дека оваа кула го претставува современиот развој на Париз и потенцијалната трансформација на зоната Порт де Версај во нов деловен и културен центар. Критичарите, од друга страна и понатаму тврдат дека таа го нарушува препознатливиот архитектонски идентитет на градот и отвора простор за понатамошна изградба на високи згради во централните делови на Париз.


Сепак и покрај сите контроверзии, достигнувањето на целосната висина потврдува дека „Tour Triangle“ повеќе не е само контроверзен проект на хартија. По речиси две децении планирање и оспорување, стаклената пирамида станува постојан дел од париската панорама.