Пеп Гвардиола полека се подготвува за својот проштален натпревар на „Итихад“, па иако шпанскиот стручњак избегна да потврди вакво сценарио за официјалната прес-конференција пред денешниот меч со Борнмут, цела англиска јавност веќе на големо пишува за неговото заминување.
Без оглед на тоа како ќе заврши сезоната, Гвардиола се очекува да се поздрави со навивачите на Манчестер Сити во недела на мечот со Астон Вила, но уште отсега познато е кој тренер ќе биде негов наследник.
Манчестер Сити се подготвувал за вакво сценарио со месеци и успеал да го договори Енцо Мареска, кој во принцип, веќе има ставено потпис на преддоговор за три натпреварувачки сезони на „Итихад“.
Мареска работеше во Сити како помошник и беше еден од најблиските асистенти на Гвардиола во сезоната кога беше освоена триплетата, па како човек кој добро го познава клубот и целата методологија на работење, изборот на директорот Уго Виана воопшто не е изненадувачки.
Италијанскиот стручњак ја освои Конференциската лига и Светското клупско првенство минатата сезона со Челси, а во моментите пред да добие отказ од лондонскиот клуб, најголем негов заштитник беше токму Гвардиола.
– Енцо Мареска е еден од најдобрите менаџери во светот. Го познавам доволно добро, знам како работи и знам што сработи во Челси. Сметам дека не добива доволно комплименти за тоа што го прави. Го освои Светското клупско првенство, славеше во Конференциската лига и обезбеди место во Лигата на шампиони во својата прва сезона во Челси. Тој е извонреден, – изјави Гвардиола.






