„Marca“ откри детали од повикот за Нејмар: Анчелоти поставил јасни услови

Точка

19/05/2026

16:33

634

Големина на фонт

а а а

Нејмар ќе игра на Светското првенство 2026, но под целосно поинакви услови од претходно.

„Marca“ пишува дека Карло Анчелоти минатата недела лично разговарал со бразилската ѕвезда и му објаснил каква улога гледа за него во репрезентацијата.

Клучниот разговор се случил преку видеоповик, во кој учествувале Анчелоти и спортскиот директор на Бразил, Родриго Каетано.

Целта била јасно да се дефинира статусот на Нејмар пред конечната одлука за неговиот повик.

Анчелоти наводно му кажал на Нејмар дека повеќе нема да биде капитен на репрезентацијата и дека нема да има загарантирано место во стартниот состав.


Италијанскиот тренер сакал веднаш да постави јасни правила.

„Сакам да бидам јасен и искрен. Ќе игра ако го заслужи тоа“, му порачал Анчелоти на Нејмар.

Тој додал дека Нејмар има ист статус и исти обврски како и сите останати репрезентативци.

„На некои натпревари може да игра, на некои не. Може да биде стартер или да биде на клупа. Важно е да не ги ставаме сите очекувања на еден играч“, порачал селекторот на Бразил.


Нејмар ја прифатил новата улога

Според информациите на „Marca“, Нејмар многу добро реагирал на разговорот и покажал подготвеност да прифати поинаква улога во репрезентацијата.

Анчелоти и Бразилската фудбалска федерација наводно му ги објасниле и новите правила на однесување, вклучувајќи дисциплина околу репрезентацијата и намалување на изложеноста на социјалните мрежи.

Бразил дополнително ја следел состојбата на Нејмар по проблемите со листот на натпреварот на Сантос против Коритиба, но по прегледите било потврдено дека нема посериозна повреда.

Тоа му ја отворило вратата за конечно враќање на списокот за Мундијалот.