Еден едноставен кујнски тест повторно ја отвори расправата за тоа какви јајца навистина купуваме. Готвачот Стивен Биди спореди домашни јајца од слободно одгледување со обични јајца од продавница, а разликата се забележала уште штом ги скршил во тавата.
На прв поглед, јајце е јајце. Меѓутоа, секој што некогаш пробал домашни јајца знае дека разликата често може да се види и пред првиот залак. Токму тоа се обидел да го покаже готвачот Стивен Биди, познат на ТикТок како „@chef_steviebd“, кој во краток кулинарски експеримент споредил јајца од слободно одгледување со оние купени во продавница.
Неговата идеја била едноставна: иста подготовка, иста тава, исти зачини и само едно прашање — дали разликата навистина се чувствува.
Иста тава, два целосно различни резултати
Биди во снимката објаснил дека ќе испржи два вида јајца без дополнителни трикови и силни зачини. Користел само сол и бибер, за вкусот на самите јајца да дојде до израз.
„Ги имам овие убави јајца од слободно одгледување и имам обични јајца од продавница. Ќе ги испржиме во тава, без никакви додатоци, само сол и бибер, и ќе видиме кои се подобри“, рекол на почетокот на снимката.
Штом ги скршил јајцата, разликата станала очигледна. Жолчките на домашните јајца биле значително потемни, речиси портокалови, додека жолчките на купечките јајца изгледале посветли и побледи. Се разликувале и белките: кај домашните јајца биле погусти и покомпактни, додека белките од продавница побрзо се разлевале по тавата.
Токму таа разлика во структурата често се забележува кај посвежите јајца, бидејќи белката со текот на времето станува поретка и послабо ја задржува формата.

„Разликата е неверојатна“
Кога ги пробал јајцата од продавница, готвачот не рекол дека се лоши. Напротив, признал дека и понатаму се вкусни.
„Да, и понатаму е прилично вкусно“, рекол по првиот залак.
Меѓутоа, реакцијата се променила кога го пробал домашното јајце. Тогаш истакнал дека вкусот е пополн, посилен и побогат.
„Разликата е неверојатна. Погледнете ја само бојата, а вкусот е толку богат и полн. Купувајте јајца што сѐ уште имаат остатоци на лушпата“, порачал.
Неговиот коментар предизвикал бројни реакции, особено меѓу оние кои тврдат дека разликата меѓу домашните и индустриските јајца најдобро се гледа токму кога се подготвуваат наједноставно — на око, варени или како кајгана.

Што всушност кажува бојата на жолчката?
Темножолтата или портокаловата боја на жолчката најчесто е поврзана со исхраната на кокошката. Кокошките кои имаат разновидна исхрана, односно пристап до трева, растенија, инсекти и поприродна средина, често несат јајца со поинтензивна боја.
Сепак, важно е да се знае дека бојата на жолчката не е единствен и апсолутен доказ за квалитет. Експертите наведуваат дека на нијансата на жолчката влијаат исхраната, сезоната, расата на кокошката, но и додатоците во храната. Со други зборови, портокаловата жолчка може да укажува на поразновидна исхрана, но сама по себе автоматски не значи дека секое такво јајце е нутритивно супериорно.
Она што потрошувачите најчесто го забележуваат е вкусот. Јајцата од кокошки што слободно се движат и имаат поразновидна исхрана често делуваат пополни, покремасти и поароматични, особено кога не се „скриени“ во јадења со многу други состојки.
Домашните јајца и нутритивните разлики
Истражувањата покажале дека начинот на одгледување и исхраната на кокошките можат да влијаат врз составот на јајцата. Кај јајцата од пасиштен или послободен систем на одгледување, во одделни студии биле забележани разлики во профилот на масните киселини и антиоксидансите, особено кога исхраната на кокошките се разликувала од стандардната индустриска храна.

Исто така, јајцата од кокошки кои имаат пристап до отворен простор и поинаква исхрана можат да имаат поинаков сооднос на хранливи материи во споредба со јајцата од конвенционален систем. Сепак, тие разлики не зависат само од ознаката „слободно одгледување“, туку и од конкретната храна, условите на чување и свежината на јајцата.
Затоа, најточно е да се каже дека домашните јајца и јајцата од послободно одгледување често можат да имаат подобар вкус и поинаков нутритивен профил, но дека квалитетот зависи од многу фактори, а не само од бојата на жолчката.









