Средба на Сиљановска-Давкова со учесници вклучени во програмата Конекција Оксфорд

Макфакс

26/05/2026

19:20

143

Големина на фонт

а а а

Средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со учесниците во програмата Конекција Оксфорд каде се дискутираше за значењето на академската соработка и иновативните пристапи во бизнисот и образованието.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими учесниците вклучени во програмата „Конекција Оксфорд“, Џеј Јакуб, извршен директор на Фондацијата за економија на заемноста, Мајкл Рамзден, предавач, како и креаторите на програмата, Костаке Милков, претседател на Балканскиот институт за вера и култура и г-а Нада Милкова, директорка на издавачката куќа „Метаноја“.

Заблагодарувајќи им се за посетата, претседателката истакна дека академската и културна програмата „Конекција Оксфорд“ на македонските студенти не само што им овозможува пристап до најновите истражувачки проекти, туку и можност лично да се запознаат со истражувачите. За неа, програмата е мост меѓу македонските високообразовни институции и Оксфорд, како еден од најдобро разнгирани универзитети во светот.

Гостите ја запознаа д-р Сиљановска-Давкова со истражувањето врзано за основните цели на бизнисот, истакнувајќи дека основната цел на бизнисот не е да создава профит, туку да изнаоѓа профитабилни решенија за проблемите на луѓето и планетата, наместо да профитира од создавањето проблеми за луѓето и планетата. Во тој контекст, тие ја образложија новата метрика на профит за сите актери во работниот процес, без негативни последици врз вработените и заштита на животната средина.

Соговорниците укажаа на потребата од особена посветеност на младите, како субјекти кои можат да внесат позитивни општествени промени.

Програмата „Конекција Оксфорд“ ја иницираше Балканскиот институт за вера и култура во 2011 година. Во рамки на истата, повеќе од 100 професори, предавачи и докторанди од Оксфорд имаа можност во земјава да ги презентираат своите истражувања во областа на: физиката, хемијата, медицината, вештачката интелигенција, филозофијата, етиката, книжевноста, бизнисот и историја.