Општина Куманово: Во општината никогаш не се работело селективно, сите граѓани имаат еднакви права

Макфакс

26/05/2026

13:00

172

Големина на фонт

а а а

Општина Куманово го нагласува своето заложување за еднакви права и можности за сите граѓани без селективност, особено во однос на новите барања за енергетски проекти и инвестициски активности во општината.

Во Општина Куманово сите граѓани имаат еднакви права и можности согласно Закон и никогаш не се работело ниту ќе се работи селективно, реагираат од општината по прес-конференцијата на Левица.

Има, како што додаваат, голем број на барања и интерес од страна на потенцијални инвеститори за имплементација на енергетски проекти – изградба на фотоволтаици, складови за енергија со батерии и друго.

„Од 2023 година до денес до Општината има доставено голем број барања за градење на фотонапонски панели поставени на земјиште и за сите кои исполниле законски услови е издадено одобрение за градење, а во моментов во системот Е-градежни дозволи има три активни предмети.

Секој од инвеститорите уредно е должен и плаќа надомест за уредување на земјиштето што е сериозен финансиски прилив во буџетот на Општина Куманово, а согласно Закон поднесуваат и барање за нивна евиденција во годишниот енергетски план на Општината којшто подоцна со одлука на Владата се потврдува во стратегијата за развој на енергетика на РСМ кој претставува основен стратешки документ од национално значење“.

Нагласуваат дека секоја компанија, инвеститори без разлика чија сопственост е, неселективно по нивно барање се евидентира во годишниот енергетски план од страна на Општината и истиот согласно Закон се усвојува на Совет на Општината.

„Ние од Општината нема да коментираме шпекулации и наводни твдења за блискост со поединци и инвеститори. За нас секое физичко и правно лице кое постапува согласно Закон во било која постапка што се води во Општината има ист третман и еднакви права и можности според Устав и Закон и така ќе продолжиме да работиме и во иднина“.