Вашингтон ќе ги намали своите стратешки воени капацитети наменети за НАТО, што предизвикува зголемен притисок врз Европа да ја преземе одговорноста за својата одбрана. Овој потег е дел од долгорочната стратегија на САД за префокусирање кон Индо-Пацификот и промени во улогата на Американската армија во Алијансата.
Вашингтон ги извести сојузниците дека постепено ќе го намали бројот на стратешки бомбардери, борбени авиони, беспилотни летала, подморници и воени бродови наменети за НАТО. Со овој потег продолжува притисокот врз Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.
Одлуката била соопштена минатиот петок на состанок зад затворени врати од страна на советникот во Пентагон, Александар Велез-Грин, потврдуваат двајца анонимни дипломати од Алијансата. Ваквото кратење го одразува долгогодишниот напор на американскиот претседател Доналд Трамп за редефинирање на улогата на САД во НАТО, како и стратешкото свртување на администрацијата кон Индо-Пацификот, јавува „Политико“.
Според изворите, точниот обем на намалувањето и временските рокови сè уште не се дефинирани, но Вашингтон гарантирал дека нема да има промени во нуклеарното одвраќање.
„Некои средства остануваат недопрени, други целосно се повлекуваат, а дел би можеле да се намалат за половина или за третина“, изјавил трет дипломат од НАТО, додавајќи дека ништо сè уште не е конечно одлучено ниту во самите САД.
Распавата за ова прашање ќе продолжи следниот месец на конференцијата на НАТО за генерирање сили, каде што воените планери ги дефинираат капацитетите кои членките му ги ставаат на располагање на Сојузот.
Џенифер Кавана, директорка за воена анализа во тинк-тенкот Defense Priorities, смета дека повлекувањето ќе создаде празнини кои тешко ќе се пополнат брзо, особено кај подморниците и бомбардерите. Сепак, таа нагласува дека Европа не треба да тежнее кон замена „еден за еден“.
„Клучно е Европа да сфати што навистина ѝ е потребно за одбрана и да ги набави тие капацитети. Генерално, Европа може да го постигне тоа во рок од пет години“, смета Кавана.
Американскиот државен секретар Марко Рубио им порача на министрите за надворешни работи на НАТО дека претстојат намалувања на војниците и вооружувањето, но вети дека сè ќе се одвива координирано.
„Во Алијансата добро се разбира дека присуството на американските сили во Европа ќе се прилагодува. Не велам дека ќе бидат воодушевени, но секако се свесни за ситуацијата“, изјави Рубио во Шведска.
Гласноговорничката на НАТО, Алисон Харт, изјави дека Сојузот премногу се потпирал на американските сили. Таа додаде дека со зголемените инвестиции од Европа и Канада, рамнотежата на одговорноста се менува, што всушност ги засилува одбранбените планови на НАТО и ја намалува прекумерната зависност од само еден сојузник.
Фото: Depositphotos











