Зошто доаѓа до треперење на окото и кога оваа појава може да биде причина за загриженост

Точка

27/05/2026

08:20

584

Големина на фонт

а а а

Треперењето на окото е една од почестите појави со која речиси секој се соочил барем еднаш во животот. Иако главно не станува збор за сериозен здравствен проблем, непријатното треперење на очниот капак може да трае со часови или дури денови, што кај многумина создава непријатност и ги отежнува секојдневните активности.

Најчестите причини за треперење на окото се поврзани со стрес, замор и недостиг од сон. Организмот на тој начин често реагира на исцрпеност, а проблемот дополнително може да го влошат зголемен внес на кофеин, пушење или анксиозност. Кај некои лица треперењето се јавува и поради чувствителност на светлина, долготрајно гледање во екран или сувост на очите.


Понекогаш причина можат да бидат и одредени лекови, но и недостиг од важни нутриенти како магнезиум и витамин Б. Треперењето најчесто се чувствува на очниот капак, но кај поединци може да зафати и дел од лицето.

Иако не е болно, треперењето на окото знае да биде многу иритирачко. Добрата вест е дека во повеќето случаи поминува само од себе, особено по одмор и квалитетен сон.

За да се ублажат симптомите во домашни услови, се препорачуваат доволно сон, намалување на стресот и помал внес на кофеин. Исто така, корисно е во исхраната да се вклучат намирници богати со витамини и минерали што придонесуваат за правилна работа на мускулите и нервите.


Покрај треперењето на окото, понекогаш можат да се појават и други симптоми како црвенило, сувост, отеченост или иритација на окото. Ако ваквата состојба продолжи подолго од седум дена, почне да влијае врз видот или ги отежнува секојдневните обврски, потребно е да се побара помош од доктор или офталмолог.

Во потешки случаи докторот може да препорача посебна терапија, користење очила или леќи, а понекогаш и третмани како ботокс. Оперативен зафат е потребен многу ретко и главно само кај посериозни проблеми.