Пекан оревите би можеле да бидат едноставен начин секојдневните грицки да ги замените со нешто значително подобро за организмот.
Според истражување на Одделот за нутриционистички науки на американскиот Универзитет „Пен Стејт“ („Penn State“), ваквата мала промена во исхраната може да помогне во подобрување на нивото на холестерол и вкупниот квалитет на исхраната, а со тоа и да намали дел од најважните фактори на ризик за срцеви заболувања.
Студијата, објавена во списанието „American Journal of Clinical Nutrition“, следела 138 лица на возраст од 25 до 70 години кои имаат метаболички синдром или се изложени на ризик од негов развој. Учесниците имале барем еден фактор на ризик, како што се абдоминална дебелина, високи триглицериди, ниско ниво на HDL холестерол, покачен крвен притисок или зголемено ниво на гликоза во крвта на гладно.
Научниците ги поделиле во две групи. Едната група секојдневно ги заменувала своите вообичаени грицки со 57 грама пекан ореви, додека другата продолжила да се храни како и досега.

Луѓето што јадат пекан ореви имаат поквалитетна исхрана
На крајот од истражувањето се покажало дека лицата кои јаделе пекан ореви имале подобар квалитет на исхрана и поповолни вредности на холестерол поврзан со здравјето на срцето. Квалитетот на нивната исхрана бил за 17 проценти повисок во споредба со контролната група.
Пекан оревите се богати со полифеноли, соединенија кои се наоѓаат и во овошјето, зеленчукот и интегралните житарки, а се поврзуваат со противвоспалително дејство. Претходни истражувања сугерирале дека можат да ја поддржат функцијата на ендотелот, важна за здравјето на крвните садови, но оваа студија не покажала значајни разлики во васкуларното здравје меѓу двете групи.

„Со замената на типичните грицки со пекан ореви се подобрени клучните фактори на ризик за срцеви заболувања, вклучувајќи го нивото на холестерол во крвта и квалитетот на исхраната“, изјавила Кристина Петерсен, вонредна професорка по нутриционистички науки на Универзитетот „Пен Стејт“ и коавторка на студијата.
Таа додала дека резултатите се вклопуваат во сè поголемиот број докази за придобивките од јаткастите плодови врз здравјето на срцето и покажуваат како возрасните лесно можат да ги вклучат во својата исхрана. Според неа, подобриот квалитет на исхрана кај оние кои јаделе пекан ореви, вклучувајќи поголем удел на калории од повеќекратно незаситени масти, како и поголем внес на влакна и полифеноли, веројатно придонел за подобрување на нивото на холестерол, особено за намалување на LDL холестеролот.








