Поранешниот премиер Груевски има профитабилна компанија во Унгарија

A1ON.MK

30/05/2026

12:45

841

Големина на фонт

а а а

Осудениот поранешен премиер Никола Груевски, кој веќе осум години престојува во Унгарија, и понатаму остварува приходи преку приватна консултантска компанија, покажуваат податоци објавени од унгарскиот портал „444“.

Станува збор за фирмата „I.C.I.C Kft“, основана во 2021 година, чија основна дејност е деловно советување. Иако компанијата нема вработени, финансиските извештаи покажуваат дека редовно генерира приходи и работи со добивка. Финансиските извештаи покажуваат дека компанијата во текот на минатата година остварила приход од околу 9.600 евра, додека една година претходно приходите изнесувале околу 11.600 евра. Поради ниските трошоци карактеристични за консултантската дејност, значителен дел од средствата останале како добивка. Според податоците, фирмата во 2025 година прикажала профит од околу 5.650 евра. Од основањето до денес, Груевски преку дивиденди повлекол вкупно околу 45.800 евра, додека последната добивка ја оставил во компанијата.

За разлика од 2024 година, кога Груевски извадил 2 милиони форинти како дивиденда, лани парите не ги подигнал, туку ги оставил во компанијата. Од основањето на фирмата во 2021 година, според објавените податоци, тој досега подигнал вкупно 16,2 милиони форинти дивиденда, односно околу 45.760 евра.


Новиот годишен извештај покажува и дека парите на банкарската сметка на компанијата се зголемиле од 8 на 9 милиони форинти до крајот на минатата година. Истовремено, се зголемиле и обврските на фирмата: од 2,5 милиони форинти во 2024 година на 3,3 милиони форинти на крајот од 2025 година.

Унгарскиот медиум наведува дека од основањето на компанијата досега, Груевски исплатил десетици илјади евра преку дивиденди, додека дел од заработката останала како акумулирана добивка во фирмата. Не е познато кои се клиентите на компанијата, ниту со кои субјекти соработува.

Во анализата на порталот се потсетува и на блиските односи на Груевски со сега веќе поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и шефот екс на дипломатијата Петер Сијарто, при што се наведува дека поранешниот македонски премиер во повеќе наврати бил консултиран за политичките состојби на Западен Балкан.


Во меѓувреме, од македонското Министерство за правда посочуваат дека правниот статус на Груевски во Македонија останува непроменет и дека институциите продолжуваат да постапуваат согласно домашното и меѓународното право.

Темата повторно стана актуелна по медиумските информации дека Груевски наводно поседува и унгарско државјанство. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата засега нема официјална потврда за таквите наводи.