[ВИДЕО] Гаши даде отчет за изминатите две години: Собранието – дом за сите

Макфакс

08/06/2026

13:20

133

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ја презентираше двогодишниот извештај за работата на Собранието, кој ги објавува постигнувањата и активностите од мај 2024 до мај 2026 година, со акцент на законодавната функција, транспарентноста и блискоста со граѓаните.

Во Собранието денеска беше презентиран двогодишниот извештај за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој ги опфаќа активностите во периодот од мај 2024 до мај 2026 година.

Извештајот е структуриран во три клучни столба: законодавна и надзорна функција, претставничка функција и парламентарна дипломатија, како и транспарентност, комуникација и близина со граѓаните.

На 160 страници се претставени резултатите од работата на Собранието во изминатите две години, преку податоци за одржаните пленарни седници, усвоените законски акти, пратеничките прашања, интерпелациите, јавните и надзорните расправи, координациите и претседателствата. Опфатени се и бројните билатерални и мултилатерални активности, официјални и работни посети, приеми и други форми на парламентарна дипломатија.

„Посебно внимание е посветено на напорите за поголема транспарентност и отвореност на Собранието кон јавноста, преку јавни обраќања, интервјуа, брифинзи, соопштенија, организирани посети на Собранието, активности на пратеничките канцеларии, парламентарниот караван, едукативни работилници и примена на дигитални алатки за комуникација со граѓаните“, соопштија од Собранието.

Зборувајќи за Извештајот, Гаши истакна дека тој претставува чин на одговорност, транспарентност и почит кон граѓаните.

„Зад секоја бројка стои вложен напор Собранието да стане потранспарентно, поотворено и поблиско до граѓаните. Добивањето јавна функција е сериозна обврска кон очекувањата и довербата од граѓаните, а секоја доверба бара искрена отчетност. Ова двогодишно патување не е по најлесниот, туку по вистинскиот пат. Демократијата не се гради за еден ден и никогаш не завршува како процес“, рече Гаши.

Ангажманот во текот на овој половичен мандат, Гаши вели дека го посветил на зајакнување на Собранието како израз на демократската зрелост и како темел на стабилноста на институционалниот поредок на државата.

Неговата визија, како што вели, била едноставна: Собранието – дом за сите, со убедување дека демократијата е процес што бара континуирана работа, постојан интегритет и долгорочна визија.

На крајот, претседателот на Собранието упати благодарност до пратениците, собраниската служба, граѓаните, медиумите и меѓународните партнери за нивниот придонес во работата на институцијата, нагласувајќи дека постигнатите резултати се заеднички успех, но дека престојат уште многу предизвици, реформи и задачи во насока на понатамошно унапредување на парламентарната демократија.