[ФОТО] Првата република на Балканот траела само 10 дена! Имала организирана власт, одбрана и снабдување и била исклучително прогресивна

Точка

08/06/2026

18:28

650

Големина на фонт

а а а

„Ако некогаш случајно сте биле во македонското Крушево или само сте погледнале фотографии, сигурно би помислиле дека не станува збор за некое посебно место“, „Putni Kofer“ вака ја започнува својата статија за нашиот бисер.

Сместено на високи 1300 метри надморска височина, со површина од само 20 квадратни километри и околу 5000 жители, Крушево на прв поглед е единствено интересно по тоа што е највисокиот населен град на Балканот. Сепак, ако се вратиме стотина години во минатото, ќе сфатите дека овој мал планински град бил еден од најважните градови во државата и одиграл улога која и денес се слави секоја година во август.

Крушево била првата република на Балканот

Во далечната 1903 година токму во овој град настанала Крушевската Република, првата република на Балканот. Интересно е што траела само десет дена, но нејзината симболичка сила останала присутна до денешни денови. На почетокот на 20 век, просторот на денешна Северна Македонија сè уште бил под власт на Отоманско Царство. Незадоволството кај населението растело од година во година, а револуционерното движење познато како ВМРО го подготвувало востанието против османлиската власт. Востанието започнало на 2 август 1903 година, на празникот Свети Илија, поради што денес е познато и како Илинденско востание.


Востанието многу брзо дало резултати, па тогашните „бунтовници“ брзо ја презеле контролата врз градот и прогласиле република. Главната позиција во тогашната република ја зазел Никола Карев, социјалист и револуционер кој ја застапувал идејата за заедничка држава на сите народи во овој простор. Иако републиката траела кратко, била исклучително прогресивна за своето време. Крушевскиот манифест повикувал на заедништво меѓу христијанското и муслиманското население, без оглед на етничката припадност. Во време на национални поделби и империјални судири, таквата идеја делувала речиси утописки.

Републиката траела кратки 10 дена

Републиката организирала власт, одбрана и снабдување на градот, но османлиската војска брзо одговорила со силна офанзива. По десет дена борби Крушево повторно паднало под османлиска контрола. Во преданијата особено се памети битката на ридот Мечкин Камен, каде што загинал војводата Питу Гули заедно со своите борци, бранејќи го приодот кон градот. Денес токму тоа место е едно од клучните меморијални точки на македонската историја.


Иако траела кратко, Крушевската Република со текот на времето прераснала во многу повеќе од краткотрајна историска епизода. За многу Македонци таа станала симбол на борбата за самостојност и државност. Во текстовите за Илинден често се истакнува дека републиката оставила силен политички и емоционален траг, споредлив со важни национални митови на други држави. Историчарот Кит Браун го опишал Крушево како комбинација од Бастилја, Ранимид и американскиот Аламо за модерна Македонија.

Османлиски куќи и споменик на востанието како две крајности

Политикологот и професорка Билјана Ванковска пишува дека Илинден и Крушевската Република не се важни само поради обидот за создавање држава, туку и поради прогресивните идеи што нивните водачи ги застапувале на почетокот на 20 век. Според нејзиното толкување, републиката станала темел на политичката имагинација на модерната македонска државност, иако траела само десет дена. Ванковска истакнува дека значењето на Илинден денес не се гледа само како историски настан, туку и како симбол на идентитет, заедништво и право на самоопределување.


Денес тој слој на историја најдобро се гледа и чувствува во самиот град. Крушево е место каде историјата буквално се живее на улиците и во секојдневието. Ако прошетате низ градот, можете да видите стари османлиски куќи со дрвени балкони кои носат дел од една историја, а ако го насочите погледот над градот, ќе забележите дека таму се издигнува Македониум, монументален споменик отворен во 1974 година по повод одбележување на востанието против истите тие Османлии. Футуристичката бела купола изгледа како вселенски брод спуштен меѓу планините, а внатрешноста е посветена на приказната за борбата за слобода и идејата за државност. Овој судир на два света е најдобар доказ низ што минувало Крушево.

Републиката траела кратко, но сеќавањето трање и денес

Крушево денес за многумина претставува место на колективно сеќавање во Северна Македонија. Илинден се одбележува секоја година со големи церемонии, говори и собири токму во овој град. Историјата на Крушевската Република често се наоѓа и во центарот на политички расправи за идентитетот, јазикот и наследството на регионот. Поради тоа, Крушево, колку и да изгледа обично, сè уште претставува простор во кој активно се обликува националната меморија.


Понекогаш Крушево привлекува и патници кои бараат побавен ритам на живот. Освен историјата, градот нуди и посебен начин на живеење карактеристичен за планинските подрачја. Може да најдете кафулиња со поглед кон истите тие планини, неизбежен е мирисот на дрво во тесните улици и свежиот, чист воздух што создава чувство дека тука времето тече поинаку.

Оние што се желни за добри приказни секогаш ќе ги добијат од локалните жители. Мештаните ќе ви раскажат сè за минатото на градот, но исто така со задоволство ќе ви ја покажат традиционалната архитектура, ќе ве почестат со домашна храна и ќе ве воведат во занаети што се пренесуваат со генерации.