Додека сите брзаат кон познатите летувалишта, овој рајски грчки остров останува скриен бисер на Медитеранот

Точка

15/06/2026

17:19

876

Големина на фонт

а а а

Алонисос е остров во Грција кој се истакнува по своите еколошки иницијативи и е идеален за оние што сакаат да уживаат во мирен одмор, далеку од гужвата и бучавата.

Додека најпознатите грчки летувалишта секоја година се преполни со туристи, еден помалку познат остров успеал да ги освои патниците кои трагаат по мир, природа и автентичен медитерански амбиент.

Станува збор за Алонисос, остров кој благодарение на побавниот начин на живот, чистото море и зачуваната природа е прогласен за една од најопуштените дестинации за одмор во 2026 година. Сместен во архипелагот Северни Споради, Алонисос се издвојува по тоа што не подлегнал на масовниот туризам во Грција. За разлика од популарните грчки острови преполни со посетители во текот на целата сезона, тука и понатаму владее спокојна атмосфера која ги привлекува љубителите на природата и одморот без стрес.


Експерти за патувања од компанијата „Solmar Villas“ анализирале повеќе од 160 туристички дестинации ширум светот, а Алонисос го издвоиле како едно од најдобрите места за опуштен летен одмор. Како главни предности ги навеле отсуството на големи гужви, пријатната клима, богатството на природни убавини и автентичниот начин на живот што се задржал и покрај развојот на туризмот.

Туристичката блогерка Мелиса, која неодамна престојувала на островот, го опишала Алонисос како место што освојува на прв поглед.

„Од трите острови што ги посетив, Алонисос ми остана во најубаво сеќавање. Мирен е, малку див и сè уште не е откриен од масовниот туризам. Токму затоа има посебен шарм. Во споредба со острови како Миконос, тука нема огромни гужви, а цените се значително попристапни“, навела таа.


Што да се посети на Алонисос?

Иако островот е идеален за одмор на плажа и уживање во тишината покрај морето, на посетителите им нуди и бројни содржини за активен одмор.

Национален морски парк

Една од најголемите атракции е Националниот морски парк Алонисос, најголемото заштитено морско подрачје во Европа. Се простира на околу 2.200 квадратни километри и претставува живеалиште на голем број растителни и животински видови.


Излети до ненаселени острови

Бројни бродски излети водат до блиските ненаселени острови, меѓу кои особено се издвојува Кирја Панагија. На овој остров се наоѓа манастир од 12-ot век кој ги привлекува посетителите со својата историја и единствена местоположба.

Рај за љубителите на нуркањето

Алонисос е познат и како една од најдобрите дестинации за нуркање во Грција. Во близина на островот Перистера се наоѓа подводен археолошки локалитет со остатоци од антички бродолом и илјадници амфори кои датираат од дамнешни времиња. Исклучителната проѕирност на морето овозможува видливост и до 50 метри.


На врвот на ридот се наоѓа живописното гратче Хора, обновено по разорниот земјотрес во 1965 година. Камените улички, традиционалните куќи и панорамските погледи кон Егејското Море го прават едно од најубавите места на островот.

Плажи како од разгледница

Меѓу најпознатите плажи се издвојуваат Агиос Димитриос со тиркизно море, Кокинокастро позната по впечатливите црвени карпи и Кристи Милија, единствената песочна плажа на островот, идеална за семејства со деца благодарение на плиткото и мирно море.

Совршено место за љубителите на природата

Алонисос е вистински рај за планинарите и љубителите на активниот одмор. Повеќе од 40 километри уредени патеки водат низ борови шуми, маслинови насади и скриени заливи. Островот е познат и по еколошките иницијативи, па меѓу првите во Грција вовел забрана за пластични кеси со цел заштита на животната средина.


За сите што сакаат да избегаат од бучавата, преполните плажи и забрзаниот ритам на животот, Алонисос претставува едно од ретките места на Медитеранот каде што сè уште може да се доживее вистински одмор во склад со природата.