[ВИДЕО] Работи само два часа неделно, но е вистински хит: Пицерија на балкон во која не смеете да влезете

Точка

16/06/2026

13:16

569

Големина на фонт

а а а

Пицеријата работи само два часа неделно, а термините за продажба ги објавуваат на социјалните мрежи. Нарачките се примаат на старомоден начин: гостите од улица довикуваат што сакаат да нарачаат за да бидат додадени на листата на чекање...

На прв поглед звучи како шега, но Петер Гран својот стан во Осло го претворил во необична пицерија која го освои интернетот. Нарачките до гостите ги спушта во кошница од балконот на третиот кат, а целиот проект го нарекол „Pizza From a Balcony“ („Пица од балкон“). Идејата настанала сосема спонтано во летото 2024 година. Додека ги набљудувал татко му и брат му како изработуваат маса на балконот, сфатил дека може да слушне минувачи на улицата како разговараат. Погледнал кон својата печка за пица (омиленото хоби), и во миг смислил нов проект. Кога идејата му ја претставил на брат му, тој веќе следниот викенд самостојно изработил систем за спуштање пици.


За отворањето низ соседството залепил плакати и ги поканил пријателите и соседите. Единственото правило било гостите да не смеат да влегуваат во станот. Тој ден успешно испорачал 23 пици во кафеава плетена кошница, а планот бил да организира уште неколку настани и да го заврши експериментот. Но, интересот бил толку голем што проектот продолжил да се развива.

Денес „Pizza From a Balcony“ функционира со помош на повеќе од 30 волонтери. Пицеријата работи само два часа неделно во текот на 16 недели годишно, а термините за продажба ги објавуваат на социјалните мрежи. Нарачките се примаат на малку старомоден начин – гостите од улицата довикуваат што сакаат да нарачаат за да бидат додадени на листата на чекање.


Целиот систем се темели на доверба. Се плаќа преку мобилна апликација, а никој нема време да проверува дали парите пристигнале на сметката. Гран смета дека токму тоа најдобро покажува колку луѓето можат да се потпрат едни на други. Станарите на улицата во која живее секогаш имаат предност при нарачување како знак на благодарност што го поддржуваат проектот. Освен пици, за време на продажбата често настапуваат локални музичари, уметници и други креативци на кои Гран сака да им даде можност да ја претстават својата работа.


Популарноста на пицеријата во последните месеци експлодираше. Видеата објавени на „Инстаграм“ собраа повеќе од 15 милиони прегледи, а гости доаѓаат дури и од други градови и држави. И покрај тоа, Гран ги одбива предлозите за проширување на бизнисот, изработка на апликации или воведување електричен систем за достава.

„Поентата е сè да остане едноставно и аналогно, како контраст на модерниот живот“, вели Гран.

Иако денес многумина го препознаваат, тој истакнува дека проектот пред сè е заеднички потфат. Повеќето волонтери никогаш претходно не направиле пица од нула, а токму заедништвото и дружењето ги смета за најголем успех на својата необична пицерија на балкон.