Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев оствари работна средба со генералниот директор на италијанската полиција во Рим, при што беше разговарано за унапредување и продлабочување на билатералната соработка во борбата против тероризмот, криминалот и илегалната миграција, како и за идни заеднички проекти и размена на информации.
Денеска во организација и со поддршка на Проектот EU4FAST, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во Рим, Италија, оствари работна средба со генералниот директор на италијанската полиција.
На средбата се разговараше за унапредување и продлабочување на билатералната соработка меѓу македонската и италијанската полиција, со посебен акцент на заедничкото справување со современите безбедносни предизвици, како што се тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, сајбер криминалот, криминалот поврзан со криптовалутите и крипто-пазарите, како и превенцијата од криминал преку интернет.
Како полициски служби кои се соочуваат со исти или слични безбедносни закани, беше потврдена подготвеноста за понатамошно интензивирање на размената на информации, податоци и оперативни искуства поврзани со криминалните активности на поединци и организирани криминални групи, со цел поефикасно откривање, спречување и сузбивање на сите форми на криминал.
Посебно внимание беше посветено на идните заеднички проекти во областа на обуките, тренинзите, едукацијата и размената на знаења и добри практики, особено во борбата против тероризмот, сајбер криминалот, илегалната миграција, злоупотребите поврзани со криптовалутите, како и примената на современи аналитички методи и алатки во полициското работење.
Во духот на меѓусебната доверба и партнерство, беше потврдена подготвеноста за воспоставување поцврста институционална рамка на соработка преку подготовка на меморандум или протокол за соработка, со јасно дефинирани директни контакт-точки од двете полиции за секоја област од заеднички интерес. На овој начин ќе се овозможи побрза комуникација, поефикасна координација и навремена размена на информации и оперативни сознанија.
Исто така, беше потврдена подготвеноста за развивање идни заеднички регионални иницијативи и проекти, имајќи предвид дека безбедносните предизвици денес не познаваат граници и бараат координиран, партнерски и регионален пристап.
Македонската и италијанската полиција остануваат искрени и доверливи партнери кои преку пријателство, меѓусебна поддршка и професионална соработка даваат значаен придонес кон националната, регионалната и глобалната безбедност. Заеднички градиме посилни институции, посигурни општества и побезбедна иднина за македонските и италијанските граѓани.











