Во Калифорнија е започнат необичен пилот-проект кој би можел да го промени начинот на управување со сообраќајот на автопатите. Наместо проширување на патиштата и скапи градежни работи, властите се насочија кон технологијата и „паметното“ управување со протокот на возила.
На делницата од автопатот меѓу Темекула и Муриета се тестира првиот систем на т.н. паметен автопат, вреден околу 28,6 милиони евра. Системот користи сензори, дигитални табли и алгоритми кои во реално време го регулираат влезот на возилата на автопатот.
Најнеобичниот дел од системот се наоѓа на рампите за вклучување во сообраќај, каде што возачите можат да чекаат и до 4 минути пред да им биде дозволен влез на автопатот. Иако тоа на прв поглед го забавува патувањето, целта е всушност спротивна - намалување на големите метежи на главната сообраќајница.
Системот поврзува повеќе влезни точки и го „дозира“ бројот на возила што влегуваат на автопатот во одреден момент, со цел да се избегне нагло кочење и забрзување, што најчесто предизвикува колони и застои.
Истовремено, дигиталните знаци прикажуваат препорачана брзина за сообраќајот да се одржува со еднаков ритам, без ефектот „тргни-застани“ кој дополнително го забавува возењето.
Од надлежната сообраќајна агенција „РЦТЦ“ наведуваат дека не станува збор за вештачка интелигенција, како што се шпекулираше во дел од јавноста, туку за однапред програмирани алгоритми и сообраќајни модели кои реагираат на податоците од сензорите.
Пилот-проектот ќе трае две години, а доколку се покаже како успешен, планирано е проширување на други сообраќајници во округот Риверсајд, а потенцијално и ширум Калифорнија.
Слични системи веќе постојат во други делови од светот. Во Денвер, според достапните податоци, тие го намалиле времето на патување за околу 20 проценти, додека во Австралија се забележани подобрувања на просечната брзина на сообраќајот и до 65 проценти на одредени коридори.
Целта на ваквите системи е едноставна - помалку застои, порамномерен проток на сообраќајот и пократко време на патување, без потреба од проширување на инфраструктурата.