Премиерот Христијан Мицкоски најави значително поевтинување на горивата во Македонија од понеделник, со дизелот поевтин за 7 денари, а бензинот за 4 денари по литар, како резултат на стабилизацијата на глобалниот пазар на нафта.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува сериозно поевтинување на нафтените деривати во земјава веќе од следната недела. Според неговите проценки, во понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја донесе новата одлука, бензините би требало да поевтинат за околу 4 денари, додека цената на дизелот се очекува да падне за околу 7 денари по литар.
„Ние правевме наши калкулации, малку е зголемена и вредноста на доларот. Очекувам во понеделник врз основа на тие калкулации, бензините некаде околу четири денари по литар да се намалат, а дизелот нешто повеќе, околу седум денара по литар да се намали. Така што да почекаме во понеделник Регулаторната комисија официјално да соопшти“, изјави Мицкоски.
Глобалниот пазар се стабилизира, но процесот ќе трае
Премиерот истакна дека финализацијата на американско-иранскиот мировен договор, чии клучни преговори продолжуваат денеска, ќе донесе смирување на светските берзи и стабилизација на енергетскиот пактор. Сепак, тој предупредува дека ефектите на терен нема да се почувствуваат преку ноќ поради логистички предизвици. Рече дека дури и со отворањето на Ормутскиот Теснец, на нафтените танкери ќе им биде потребен околу еден месец за да стигнат до своите крајни дестинации.
„Тоа не може ако денес тргнат, утре да се таму, така што и тоа ќе биде еден процес што ќе потрае. Нема да биде така бргу и едноставно“, кажа Мицкоски.
Тој очекува дека до крајот на годината цената на нафтата ќе се стабилизира меѓу 70 и 80 долари за барел.
Во моментов, Бензинот БС-95 и дизелот се точат по 87,5 денари, а 98-октанскиот бензин се продава по 90 денари по литар.











