Кеирош смета дека Гана е „ограбена“: Англија освои бод поради тоа што „ВАР отиде на кафе“!

Дерби

24/06/2026

11:40

743

Големина на фонт

а а а

Карлос Кеирош повторно е составен дел од еден мундијал, овојпат како селектор на репрезентацијата на Гана која вчера ремизираше со Англија во натпревар кој не понуди премногу шанси.

Африканската селекција се стремеше да се одбрани по секоја цена и одлично ги затвори приодите кон својот гол, а во неколку наврати беше и опасна преку контра-напади.

Најзрелата шанса за гол Гана ја имаше во 79-та минута кога Аду излезе сам пред голот на Пикфорд, па иако беше соборен во карамболот, судиите проценија дека нема доволно елементи за пенал.

Ова го разлути селекторот Карлос Кеирош, кој по средбата која заврши 0:0 говореше и за голем „грабеж“ на штета на неговата репрезентација.

– Работи ли ВАР на овој натпревар? Дали имаше ВАР на овој меч? Имаше чист пенал кој требаше да ни го досудат, а имаше и очигледен прекршок од Пикфорд за црвен картон.

– Англија освои бод и не загуби само поради тоа што ВАР беше на кафе. Ако не отидеа на годишен одмор, ќе добиевме пенал и ќе победевме против Англија. Сакам и јас да пијам кафе, но ова беше чист пенал, – изјави Кеирош.