Мицкоски: Националниот центар за вештачка интелигенција е инвестиција во иднината

Макфакс

24/06/2026

13:30

287

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски го претстави проектот „Везилка“ како стратешка инвестиција која ќе придонесе за развој на вештачката интелигенција, поврзување на науката и економијата, и создавање напредни технолошки услови во Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот „Везилка“ претставува инвестиција во иднината и значаен чекор кон развој на науката, иновациите и конкурентноста на македонската економија.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека Националниот центар за вештачка интелигенција ќе создаде нови можности за научниците, истражувачите, студентите и компаниите, како и услови за поврзување на науката и стопанството.

Тој посочи дека развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели и индустрии, поради што способноста на државите да создаваат знаење и да поттикнуваат иновации станува клучна за долгорочниот развој.

Според премиерот, посебна вредност на проектот е партнерството меѓу Владата, академската заедница и Европската Унија, кое треба да придонесе за создавање современа и конкурентна држава подготвена за технолошките предизвици.

Мицкоски нагласи дека преку центарот ќе се овозможи пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни суперкомпјутерски капацитети, што ќе им помогне на домашните истражувачи и компании да бидат поконкурентни на европско и глобално ниво.

Тој додаде дека „Везилка“ ќе придонесе и за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик, со што ќе се обезбеди негово присуство во современите технолошки процеси.

Премиерот упати честитки до ФИНКИ и до Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ за нивната улога во проектот, како и благодарност до Европската Унија и Министерството за дигитална трансформација за поддршката.

„Везилка“ претставува почеток на еден процес кој ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите луѓе, порача Мицкоски.