Светот во тревога: Речиси 300 заразени со смртоносниот вирус се исчезнати

Макфакс

27/06/2026

08:15

10.332

Големина на фонт

а а а

Речиси 300 лица заразени со вирусот ебола во Демократска Република Конго се водат како исчезнати поради хуманитарната криза и вооружените конфликти, што ја отежнува борбата против епидемијата. Епидемијата се шири и во соседните земји, а властите работат на нови мерки и клинички испитувања за спречување на понатамошно ширење.

Речиси 300 лица кај кои е потврдена зараза со ебола се водат како исчезнати во Демократска Република Конго, предупреди генералниот директор на Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ), Жан Касеја.

Според него, хуманитарната криза и вооружените конфликти во погодените региони сериозно ја отежнуваат борбата против епидемијата. Повеќе од еден милион раселени лица живеат во кампови до кои здравствените работници немаат пристап, поради што не е можно следење на контактите и навремено изолирање на заразените.

„Ова е сериозна причина за загриженост. Не знаеме каде се овие луѓе“, изјави Касеја.


Досега во Демократска Република Конго се потврдени 1.118 случаи на ебола, а починале 291 лице. Во соседна Уганда се регистрирани уште 20 случаи и два смртни исхода.

Во меѓувреме, Франција потврди дека лекар кој работел во Конго бил позитивен на ебола по враќањето во земјата. Неговата организација, медицинската невладина организација „Алима“, соопшти дека се истражува како дошло до заразувањето.

Според податоците, бројот на потврдени случаи, закрепнатите пациенти и починатите покажува дека 297 лица кои биле позитивни на вирусот повеќе не можат да бидат лоцирани.

Властите во Конго воведоа нови мерки, според кои сите лица што престојувале во погодените провинции ќе мора да почекаат 21 ден пред да можат да патуваат во други делови на земјата или во странство.

Епидемијата е предизвикана од сојот Бундибугио и веќе е најголемата регистрирана за овој тип на вирус само пет недели по нејзиното официјално прогласување. За споредба, во истиот период од големата епидемија во Западна Африка од 2014 до 2016 година биле регистрирани 239 случаи и 160 смртни случаи.


Светската здравствена организација, користејќи компјутерски модели, проценува дека најверојатното сценарио предвидува меѓу 6.636 и 10.287 заразени до 16 септември. Најлошото сценарио, пак, предвидува дури 66.000 потврдени случаи до септември.

Касеја предупреди дека околу 30 проценти од новите случаи се лица кои биле во контакт со веќе заразени пациенти, што укажува на широко распространето ширење на вирусот во заедницата. За подобро следење на контактите, властите планираат да ангажираат 20.000 здравствени работници од локалните заедници.

Дополнителен проблем претставува тоа што центрите за лекување се речиси целосно исполнети, со пополнетост од 95 проценти, а здравствените власти предупредуваат дека пикот на епидемијата сè уште не е достигнат.

За справување со кризата, Африка ЦДЦ и Светската здравствена организација проценуваат дека се потребни најмалку 518 милиони долари за здравствениот одговор, додека вкупните потреби, заедно со хуманитарната помош, достигнуваат 1,4 милијарди долари. И покрај ветените 910 милиони долари од меѓународната заедница, досега се исплатени само околу 13 проценти од средствата.

Следната недела во Конго треба да започне првото клиничко испитување на лекови против сојот Бундибугио, а една недела подоцна ќе стартува и тестирање на антивирусен лек кој ќе се дава на лица што биле во контакт со заразени, со цел да се спречи развојот на болеста.

Во меѓувреме, проекциите објавени во научното списание „Лансет инфективни болести“ предвидуваат дека до средината на септември бројот на заразени би можел да достигне околу 8.210 лица, додека бројот на починати би се искачил на околу 1.420.