Директорот на инспекторатот за земјоделство барал поткуп од 100.000 евра за увоз на вештачко ѓубриво, ОЈО поднесе обвинение

Макфакс

01/07/2026

14:17

3.473

Големина на фонт

а а а

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев е обвинет за барање поткуп од 100.000 евра за одобрување увоз на вештачко ѓубриво, по што е уапсен при преземање на првата рата од парите.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев. Тој е обвинет дека во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.


„Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин. На 13.03.2026 година обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати“, соопшти Обвинителството.


На 19 март годинава, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил уапсен при преземањето на парите од полициски службеници.

Со Обвинителниот акт е поднесен и посебен предлог за продолжување на мерката притвор.