По случајот со врсничкото насилство во скопската населба Аеродром кој ја потресе јавноста, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека веќе разговарале со малолетничките кои учествувале во настанот, како и со нивните родители. Оттаму најавија дека продолжуваат со активности за идентификување и на останатите инволвирани лица, по што ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
По оваа информација реагираше и инфлуенсерката Ина Многуфина, која преку објава на Фејсбук порача дека јавноста не смее да остане само на информацијата дека ќе има пријави.
„МВР ќе поднесе кривични пријави против насилничките што го тепаа девојчето во Аеродром и против нивните родители за запуштање дете. Но, веста не смее да заврши тука, јавноста мора да знае колку и како ќе бидат санкционирани сите комплет. Не од љубопитност туку за да знаеме колку и како се казнуваат. Доколку казните се благи ќе бараме од пратениците, кои не претставуваат нас, да го сменат законот“.
Според неа, реакциите во јавноста покажале дека голем број граѓани се ставиле во улога на родителите на жртвата и размислувале како би постапиле доколку нивното дете било нападнато.
„Тоа не смее да се деси, не смее родител на дете жртва утре да се влече по судови затоа што тргнал да го заштити детето немајќи доверба во институциите. Затоа мора многу транспарентно околу врсничкото насилство па потоа да си пресметаат и родителите на децата што ги запуштиле и оние со пристап на пасивно родителство дали им се исплати да немаат контрола врз децата“.
Таа предупреди дека доколку институциите не реагираат соодветно и јавно не се соопштуваат казните, последиците може да бидат сериозни.
„Доколку не почнеме ова да го третираме како и секое насилство и додека не се објавуваат казните, ќе имаме хаос по улици. Насилниците ќе земат сила, родителите на воспитаните деца ќе се плашат за нивните на улица. Поправни домови, одземање на родителско право, парични казни, не знам, нешто мора да биде казна бидејќи овој народ само со казни се воспитува очигледно“, пишува Ина Многуфина.











