Каков работодавач! Погледнете колку се заработува во „Porsche“, сумите се неверојатни

Супермен

07/07/2026

16:55

423

Големина на фонт

а а а

Голем дел од вработените во „Porsche“ заработуваат речиси двојно повеќе од германскиот просек, а разликите стануваат уште поизразени на повисоките нивоа.

„Porsche“ со години е синоним за скапи автомобили, високи профитни маржи и многу добро платени експерти, но сега за првпат појасно се гледа колку навистина се заработува зад вратите на производствените хали и канцелариите во Цуфенхаузен. По прашање поставено од еден акционер на годишниот собир, компанијата мораше да ја открие својата внатрешна структура на плати, а бројките се многу интересни дури и за германските стандарди.


Според објавените податоци, „Porsche“ вработува околу 23.000 луѓе, а дури 9.082 вработени во 2025 година имале оданочив бруто-приход поголем од 100.000 евра. Тоа значи дека речиси 40 проценти од вработените припаѓаат на групата со таканаречена шестцифрена годишна плата. За споредба, просечната бруто-плата во Германија, вклучувајќи ги и бонусите, минатата година изнесувала околу 54.066 евра. Со други зборови, голем дел од вработените во „Porsche“ заработуваат речиси двојно повеќе од германскиот просек.

Разликите стануваат уште поизразени на повисоките нивоа. Во „Porsche“, 201 вработен минатата година заработил повеќе од 300.000 евра, додека 28 ја надминале границата од 500.000 евра. Само тројца вработени, без да се смета највисокиот извршен одбор, влегле во клубот со повеќе од еден милион евра годишен приход.


На врвот на листата, очекувано, се членовите на управата. Поранешниот директор на „Porsche“, Оливер Блуме, кој истовремено раководеше и со „Volkswagen Group“, во 2025 година од „Porsche“ добил пакет вреден околу 1,90 милиони евра. Повеќе од него во самата компанија „Porsche“ заработиле директорот за развој Михаел Штајнер со околу 2,10 милиони евра и директорот за производство Албрехт Рејмолд со околу 2,05 милиони евра. Сепак, во споредба со другите германски автомобилски гиганти, „Porsche“ не им исплаќа највисоки надоместоци на своите први луѓе. Директорите на „BMW“ и „Mercedes“ во истиот период имале значително повисоки вкупни примања.


Особено се издвојува случајот на поранешниот финансиски директор Луц Мешке. Иако ја напуштил компанијата уште кон крајот на февруари, добил 266.588 евра редовен надоместок, но и повеќе од 10 милиони евра отпремнина бидејќи „Porsche“ морал да го откупи преостанатиот дел од неговиот договор.

За оние со приходи под границата од 100.000 евра, податоците од порталот „Kununu“ покажуваат дека проектните менаџери во просек заработуваат околу 91.800 евра, развојните инженери околу 87.500 евра, работниците во производството околу 58.000 евра, а експертите за логистика околу 51.300 евра годишно.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk