Повеќе од половина компании признаваат дека згрешиле со отпуштањата поради вештачката интелигенција

Супермен

08/07/2026

20:42

233

Големина на фонт

а а а

Компаниите ширум светот сè почесто го менуваат ставот дека вештачката интелигенција може да замени голем број вработени, па повторно ангажираат работници за да го унапредат своето работење.

Во исто време, инвеститорите сè почесто го поставуваат прашањето колку е одржлив сегашниот подем на вештачката интелигенција на финансиските пазари.

Производителот на автомобили „Ford“ е една од последните компании што го променија својот пристап. Според медиумските извештаи, компанијата повторно вработува стотици искусни инженери за да ги решаваат проблемите со квалитетот што автоматизираните системи не успеале да ги отстранат.

„Вештачката интелигенција е одлична алатка, но е добра онолку колку што се квалитетни податоците со кои се обучува“, изјави Чарлс Пун, потпретседател на „Ford“ за инженеринг на хардвер за возила.


Меѓу компаниите што се откажаа од плановите за намалување на бројот на вработени поради зголемената употреба на вештачката интелигенција се и „Commonwealth Bank of Australia“ (CBA), како и софтверскиот гигант „IBM“.

Минатата година CBA отпушти повеќе од 40 вработени во службата за корисничка поддршка и ги замени со гласовен бот базиран на вештачка интелигенција. Меѓутоа, системот не ги исполнил очекувањата, што довело до зголемен број повици и незадоволство кај корисниците, па банката одлучила повторно да вработи дел од отпуштените работници, пренесува „SEEbiz“.

Австралискиот синдикат на вработените во финансискиот сектор оценил дека одлуката за повторно вработување на отпуштените работници претставува „голема победа“.

Според извештајот на австралискиот „ABC“, CBA признала дека при донесувањето на одлуката за отпуштањата не ги земала предвид сите релевантни деловни околности и дека процената за потребниот број вработени требало да биде потемелна.

Слична ситуација имаше и „IBM“. Компанијата ѝ ја довери на вештачката интелигенција обработката на околу 94 проценти од рутинските барања во секторот за човечки ресурси, но системот не можел соодветно да ги реши преостанатите шест проценти од случаите, меѓу кои биле етички дилеми и посложени барања од вработените.


Поради тоа, „IBM“ најави план до 2026 година тројно да го зголеми вработувањето на почетни кадри во Соединетите Американски Држави.

„Ако не продолжиме да инвестираме во вработување млади кадри, што ќе се случи по три до пет години? Едноставно ќе останеме без луѓе“, изјави главната директорка за човечки ресурси на „IBM“, Никл ЛаМоро, на самитот за вештачка интелигенција во Њујорк.

Овие примери го потврдуваат ставот на аналитичарите дека отпуштањето вработени со потпирање на вештачката интелигенција не е нужно најдобриот пат кон раст на работењето.

Во извештајот на компанијата „Intuition Labs“ се наведува дека многу компании инвестирале во технологија што треба да ги замени луѓето, но не вложиле доволно во обука на вработените за работа со вештачка интелигенција.

„Многу компании што забрзано воведуваа автоматизација подоцна се покајаа за отпуштањата бидејќи останаа без луѓе потребни за надзор на системите со вештачка интелигенција“, се наведува во извештајот.


Според истражувањето на компанијата „Orgvue“, 39 проценти од деловните лидери отпуштиле вработени поради воведувањето на вештачката интелигенција, но дури 55 проценти од нив подоцна признале дека донеле погрешна одлука.

Џесика Жанг, виш потпретседател за азиско-пацифичкиот регион во компанијата „ADP“, истакнува дека компаниите често мора повторно да воведат човечки надзор кога вештачката интелигенција дава неточни или недоволно сигурни резултати.

„Тоа може да доведе до удвојување на работата, побавно донесување одлуки и послаб раст на продуктивноста“, изјави Жанг.

Податоците на компанијата „Robert Half“ покажуваат дека 32 проценти од американските менаџери за вработување укинале одредени работни места првенствено поради вештачката интелигенција, но подоцна повторно вработиле работници на истите или на слични позиции.

На „Capitol Technology University“ сметаат дека вештачката интелигенција го менува начинот на работа, но дека компаниите сè повеќе сфаќаат оти најголемата вредност ја носи соработката меѓу луѓето и вештачката интелигенција, а не целосната замена на човечкиот труд.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk