Хавиер Занети со години ги бранеше боите на аргентинскиот дрес и со огромна пожртвуваност настапуваше за „гаучосите“, но тој едноставно не дочека генерација која може да донесе успех како оваа актуелната на Лионел Скалони.
Аргентинците како актуелни светски прваци пристапија на турнирот во САД, Мексико и Канада и се уште се живи во намерата да ја одбранат титулата, а самодовербата сигурно уште повеќе ќе порасне откако направија чудесен пресврт против Египет.
Аргентина се врати од негатива од 2:0 и славеше 3:2 за пласман во четвртфиналето, а бидејќи полека се влегува во завршните десет дена од турнирот, полека се прават и прогнози за тоа кои селекции се главни фаворити за финалето.
Франција од една страна делува несопирливо до овој момент, никако не смее да се отпише и Шпанија која е на иста страна со „триколорите“, но од другиот дел од мундијалското стебло, се чини дека Аргентина и Англија се главни фаворити за пласман во финалето.
– Лео Меси е уникат и верувам во него. Тој е нашиот капитен, нашиот лидер и вистински симбол за Аргентина. Многу сум среќен кога го гледам на теренот, се надевам дека ќе не води до ново финале на Светско првенство.
– Верувам дека има уште една светска титула во своите нозе. Аргентина има одличен тим, многу играчи поседуваат квалитет и може да се оди докрај. Има силни ривали и нема да биде лесно, тука пред се мислам на Франција и Шпанија. Тип за финале? Мислам дека би било идеално и соврешено да гледаме реприза од финалето во Катар: Аргентина против Франција, – изјави Занети.







