Финалето на Светското првенство оваа година за првпат ќе биде проследено со настап на полувремето, а покрај Шакира, Мадона и јужнокорејската група „BTS“, својот настап сега официјално го потврди и канадската поп-ѕвезда Џастин Бибер.
„Светското првенство го обединува светот на начин на кој ништо друго не може. Благодарен сум што сум дел од овој настан, а уште повеќе ме радува што преку него помагаме да се прошири пристапот до образование за децата ширум светот“, изјави Бибер по повод своето учество.
Покрај нив, за време на полувремето ќе настапат и нигерискиот пејач Бурна Бој, венецуелскиот диригент Густаво Дудамел, групата Колдплеј, како и хор од основно училиште во Њујорк, соопшти фондацијата „Global Citizen Education“.

Токму „Global Citizen Education“, во соработка со „FIFA“, стои зад организацијата на шоуто на полувремето, а собраните средства ќе бидат донирани за образование на децата ширум светот.
Настанот ќе го води Крис Мартин, фронтменот на „Coldplay“, кој во програмата ќе ги вклучи и познатите ликови од „The Muppet Show“ и „Sesame Street“.

Финалето ќе се одигра на 19 јули на стадионот „MetLife Stadium“ во Ист Ратерфорд, во близина на Њујорк.
Шоуто на полувремето ќе биде инспирирано од спектаклот на „Super Bowl“, финалниот натпревар на „NFL“ во американскиот фудбал, а претседателот на „FIFA“, Џани Инфантино, веќе изјави дека ова ќе биде „најголемата сцена досега, пред публика од неколку милијарди гледачи“.








