[ФОТО] ДЗС: Најдена опасна граната тешка околу 45 килограми – Сложена акција кај Неготино

Макфакс

10/07/2026

11:21

933

Големина на фонт

а а а

Дирекцијата за заштита и спасување успешно отстрани опасна артилериска граната од Првата светска војна пронајдена во близина на Неготино. Гранатата била тешка 45 килограми и била безбедно транспортирана за уништување со поддршка на Територијалната противпожарна единица Неготино.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) успешно реализираше интервенција за безбедно отстранување неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, што потекнува од Првата светска војна. Опасната граната беше пронајдена во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино.

Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, којашто обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“.

Порака до граѓаните

ДЗС упати благодарност до ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка, а истовремено апелира до граѓаните ако пронајдат и забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат и поместуваат, туку веднаш да ги пријават на единствениот повикувачки бесплатен број за итни случаи 112.